Студентското движење во Србија го објави „Студентскиот план“ – предизборна програма составена од 11 точки, со која најавува борба против корупцијата, лустрација на јавните функционери, департизација на институциите, бесплатни учебници и промени во економската и социјалната политика.
Програмата е поделена во три целини: „Србија или мафија“, „Во знаењето е моќта“ и „Србија расте со нас“. Студентите велат дека целта е да се запре злоупотребата на јавните пари, незаконски стекнатиот имот да се врати во буџетот, а средствата да се инвестираат во образованието, здравството и домашната економија.
„Србија или мафија“
Првата точка предвидува ослободување на судството и обвинителството од политичко влијание и формирање специјална обвинителска полиција. Таа единица, според планот, треба самостојно да ги истражува случаите на корупција и да ги апси одговорните без политички опструкции.
Предвидена е и темелна контрола на работата на српското Министерство за внатрешни работи, отстранување на функционерите и полицајците поврзани со организираниот криминал, како и отпуштање на припадниците кои ги прекршиле законите при постапувањето кон студентите и демонстрантите.
Втората точка опфаќа донесување закон за потеклото и одземањето на незаконски стекнатиот имот, зајакнување на Даночната управа и лустрација на јавните функционери. Студентите бараат одговорност за сите што ја злоупотребиле положбата, учествувале во корупција или ги прекршувале човековите права, Уставот и законите.
Третата точка предвидува целосна транспарентност на јавните набавки и отворање на сите договори и тендери. Најавена е и ревизија на нетранспарентните и прескапи инфраструктурни проекти, особено на тајните договори, специјалните закони и проектите кај кои биле пробиени роковите.
Четвртата точка се однесува на медиумите. Студентите бараат департизација на Регулаторното тело за електронски медиуми – РЕМ, „ослободување“ на јавниот сервис РТС и утврдување одговорност за ширење говор на омраза и дискриминација. Планот предвидува и преиспитување на националните фреквенции, како и зајакнување на улогата на Советот за печат.
„Во знаењето е моќта“
Петтата точка предвидува укинување на партиското вработување во јавниот сектор. Директорите и раководителите на јавните претпријатија би се избирале на строги конкурси, а нивната работа би подлежела на засилена финансиска контрола.
Во образованието се најавуваат современи наставни програми, развивање критичко размислување и повеќе практични знаења. Студентите ветуваат бесплатни учебници за сите ученици во основното и средното образование, без оглед на местото на живеење, како и подостапни екскурзии и воннаставни активности.
Седмата точка се однесува на развивање економија заснована врз знаење. Предвидено е поврзување на универзитетите и научните институти со стопанството, како и поголеми грантови и субвенции за стартапи, иновации, домашни претприемачи и земјоделци.
„Србија расте со нас“
Осмата точка предвидува измени на Законот за работни односи, со кои максималното вработување на определено време би се намалило од 24 на 12 месеци. Целта, според студентите, е да се спречи долгогодишната несигурност и условувањето на работниците.
Во деветтата точка се предлага укинување на монополите на увозничките лобија и заштита на прехранбената сигурност. Земјоделското земјиште и водата би добиле статус на заштитено национално богатство.
Десеттата точка предвидува достапно домување за младите семејства и работниците во дефицитарните професии. Се предлагаат станови со поволна кирија и можност за откуп, како и даночни олеснувања за младите, просветните и здравствените работници.
Последната точка се однесува на здравството. Студентите предлагаат државна контрола и значително намалување на цените на лековите, обновување на селските амбуланти и домовите на здравје и вработување млади лекари и медицински техничари.
Студентите велат дека спроведувањето на мерките би ослободило стотици милиони евра, кои наместо да завршуваат преку коруптивни зделки, би можеле да се вложат во јавни услуги и развој на државата.
„Знаеме што не е добро. Знаеме што треба да се промени. И, што е најважно – знаеме како“, порачаа од студентското движење.
Планот ќе им биде претставуван на граѓаните низ Србија од 15 до 19 септември: најпрво во Војводина, потоа во источниот, западниот и јужниот дел на земјата, а завршната презентација е најавена во Белград и во централна Србија. (Nova.rs)