Во српското Собрание денеска ќе положат заклетва 140 пратеници од Студентската листа, движење кое на изборите минатиот месец извојува победа над партијата на Александар Вучиќ. Со конститутивната седница на новиот состав на Народното собрание завршува 14-годишното владеење на Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС), а започнува формирањето нова влада, пишува „Гардијан“.
Додека не биде потврдена новата влада, на должност останува техничкиот кабинет на досегашниот премиер Ѓуро Мацут. Сè уште не е објавено кој ќе биде новиот премиер, ниту каков ќе биде составот на владата што ќе ја предложи Студентската листа.
Новите пратеници: „За првпат работиме ваква работа“
Сара Ел Сараг, адвокатка за човекови права и една од новоизбраните пратенички, вели дека поширокото студентско движење и натаму активно учествува во изборот на министрите.
„Тука сме поради нив“, изјавила таа, мислејќи на студентите. „Цело време работиме заедно.“
Таа истакнала дека подготвителните седници им помогнале да се организираат и да се подготват за работата во парламентот.
„Речиси секој ден имаме состаноци и вежби за работата во Собранието, бидејќи никој од нас не е професионален политичар. Ние сме адвокати, лекари, професори – и за првпат работиме ваква работа“, рекла Ел Сараг.
Со ваквиот пристап движењето одговара на сомнежите дали група луѓе без политичко искуство може да ја води државата. Од Студентската листа повторуваат дека нивните кандидати се стручни во своите професии и поквалификувани од многумина министри и пратеници од времето на Вучиќ.
Ел Сараг додала дека лица со политичко искуство ги подготвувале за можните сценарија во парламентот. Таа не сакала да открие кој е кандидат за претседател на Собранието, функција со која, според написот, лицето ќе стане и вршител на должноста претседател на државата, ниту кој ќе биде предложен за премиер.
Вучиќ обвинува за „терор“
Александар Вучиќ не го прифаќа мирно преминувањето во опозиција. Тој ја обвини Студентската листа дека спроведува режим на „гола форма на терор“ и тврди дека на „послушните обвинители и полицајци“ им се наредува незаконски да апсат. По две години протести, кои доведоа до изборниот пораз на СНС, Вучиќ сега се заканува дека ќе организира сопствени масовни протести.
Во меѓувреме, полицијата и обвинителството спровеле серија апсења на лица поврзани со СНС. Минатата недела обвинителите покренале истрага против сопственик на градежна компанија блиска до власта, поврзана со проект на локацијата на белградскиот хотел „Југославија“.
Истрага е покрената и против сопственикот на „Алта банка“, која имала концесија за обработка на плаќањата на сметките за државната електроенергетска компанија. Меѓу осомничените се и високи полициски функционери поради злоупотреба на службената положба, како и лица осомничени за изборни измами и насилство.
Аналитичар очекува опструкции во парламентот
Раша Недељков, програмски директор на организацијата ЦРТА, која ги следи изборите, смета дека првите проблеми би можеле да се појават уште на конститутивната седница на парламентот.
„Можеме да очекуваме многу саботажи, опструкции и создавање циркуска атмосфера“, изјавил Недељков. „Не би ме изненадило во парламентот да видиме такви сцени, вклучително и физички блокади.“
Во таква атмосфера, додава тој, брзината би можела да биде клучна. Иако пратениците имаат законски рок од 90 дена за потврдување на владата, се очекува да се обидат да го изберат премиерот значително пред истекот на рокот.
