Голем пожар во една од најголемите руски рафинерии по наводен украински напад со дронови

Пожарот избувнал во текот на ноќта во рафинерискиот и петрохемискиот комплекс „Газпром нефтехим Салават“ во Башкортостан. Засега нема независна потврда дека постројката била директно погодена.

Голем пожар избувнал во текот на ноќта кон вторник во рафинерискиот и петрохемискиот комплекс „Газпром нефтехим Салават“, во руската република Башкортостан, по наводен напад со украински беспилотни летала, објави „Киев индепендент“.

Украинските канали на Телеграм „Ексиленова плус“ и „Супернова плус“ објавија дека комплексот во градот Салават бил цел на напад. На снимките што ги споделиле се гледа силен блесок од пожар во близина на индустриската постројка. Според „Ексиленова плус“, пожарите избувнале на повеќе локации во рамките на комплексот.

„Киев индепендент“ не можел независно да ја потврди локацијата на пожарот, ниту дали постројката била директно погодена.

Комплексот се наоѓа на околу 1.750 километри источно од Киев и е еден од најголемите рафинериски и петрохемиски капацитети во Русија. Годишно може да преработи до 10 милиони тони нафта и гасен кондензат, а произведува бензин, дизел и други нафтени и хемиски производи.


Постројката и претходно била цел на украински напади. Украинскиот Генералштаб потврди напад врз комплексот на 8 октомври, кога исто така избувнал голем пожар. Најновиот напад засега не е официјално потврден ниту од украинската војска ниту од регионалните власти во Башкортостан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс