Не сме деца од Инстаграм: Студентите со велосипеди ја будат Србија

Две групи тргнаа од Белград кон север и југ, носат три примероци од Уставот и планираат средба во Крагуевац пред изборите.

Група студенти во Србија започна десетдневна велосипедска тура низ земјата како дел од предизборната кампања на Студентската листа за вонредните парламентарни избори закажани за 25 октомври. Две колони велосипедисти тргнаа од плоштадот Република во Белград со цел да поминат низ десетици градови, од Суботица до Врање, и директно на терен да разговараат со граѓаните за почитувањето на највисокиот правен акт.

Одлуката за теренска акција на два тркала доаѓа од потребата за директна комуникација со луѓето надвор од дигиталниот простор. Студентот Михајло Јовановиќ пред поаѓањето изјави дека точаците им овозможуваат најбрзо движење и физичко присуство во голем број населени места за само десет дена.

„Сакаме да покриеме што поголем простор и што поголем број граѓани да слушнат за нас. Но, не само да слушнат, туку и да нè видат, да се поздрават со нас и да видат дека навистина постоиме. Ние не сме некои деца од Инстаграм или од телевизија, туку студенти подготвени да прават промени во оваа држава“, изјави Јовановиќ за Н1.

Маршрутата е поделена на два правци. Северната група минува низ Војводина и Мачва, опфаќајќи ги Вршац, Зрењанин, Кикинда, Суботица, Сомбор, Нови Сад, Шабац и Лозница, додека јужната колона се движи кон градовите на југот од земјата.

Двете групи ќе се спојат во Крагуевац. Студентката Лаура Живиќ посочи дека оваа локација е избрана намерно бидејќи таму е донесен првиот српски Устав. Велосипедистите носат три примероци од овој правен документ, што воедно кореспондира и со редниот број три под кој Студентската листа ќе настапи на гласачкото ливче.

Живиќ нагласи дека актуелната власт постојано ги крши уставните одредби и дека основните права мора да му бидат загарантирани на секој граѓанин.

Организаторите очекуваат караванот да се зголемува како што ќе одминуваат етапите. Според нивните проценки, заедно со граѓаните што ќе им се приклучуваат по пат, бројката ќе достигне околу 250 учесници.

Целта на акцијата е мобилизација на гласачите пред гласањето на 25 октомври, преку отворени разговори на улиците и плоштадите за потребата од институционална одговорност и владеење на правото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс