Поранешниот извршен директор на Google, Eric Schmidt, беше исвиркан за време на говор на церемонија за дипломирање на Универзитетот во Аризона, откако зборуваше за вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз иднината на работните места.
Шмит го спореди развојот на вештачката интелигенција со појавата на компјутерите пред четири децении, но дел од студентите реагираа со негодување и свирежи веднаш штом ја спомена AI технологијата. Тој им порача дека ги разбира нивните стравови и призна дека загриженоста кај младите е оправдана.
Според американските медиуми, ваквите реакции стануваат сè почести на универзитетите. Многу студенти сметаат дека вештачката интелигенција претставува закана за нивната идна кариера и може значително да го промени пазарот на трудот.
Шмит, сепак, ги повика младите да се прилагодат на новите технологии, истакнувајќи дека иднината не е однапред одредена и дека токму новите генерации ќе имаат клучна улога во нејзиното обликување.
Слични ситуации неодамна се случија и на други американски универзитети. Говорници кои ја опишувале вештачката интелигенција како „нова индустриска револуција“ биле прекинувани со негодување од студентите, додека дел од присутните отворено изразиле страв дека AI системите би можеле да заменат голем број професии.
Истражувањата покажуваат дека сè повеќе млади луѓе ги менуваат своите студиски насоки поради страв од автоматизација. Наместо технолошки и аналитички професии, многумина се насочуваат кон области каде што се ценат комуникацијата, критичкото размислување и работата со луѓе.
Дополнителни анкети во САД откриваат дека голем дел од граѓаните гледаат на брзиот развој на вештачката интелигенција со повеќе загриженост отколку оптимизам, особено во секторот на информатичките технологии каде промените би можеле најбрзо да се почувствуваат.