Студентите на Филозофски: Институцијата ни дозволи упис, а сега ни го прекинува студирањето

Единаесет студенти не прифаќаат да бидат жртви на системски пропуст: тврдат дека уписот го направиле по дозвола на самата администрација, а МОН потпишало документ дека немало пречка.

Единаесетте студенти на Филозофскиот факултет при УКИМ на кои им е прекинато студирањето денеска јавно одговорија на обвинувањата: тврдат дека се запишале по дозвола на факултетската администрација, дека редовно посетувале настава и полагале испити, и дека постои официјален документ потпишан од министерката Јаневска во кој се наведува дека немало пречка за нивниот упис.

Студентите: Прашувавме, добивме зелено светло

Во писмото упатено до домашните медиуми, студентите тврдат дека пред запишувањето на втор и трет циклус се консултирале со администрацијата на факултетот задолжена за постдипломски студии и добиле потврден одговор дека имаат право на упис. Се повикуваат на член 5 од Правилникот за услови за запишување на втор циклус студии, кој предвидува дека на академски студиски програми можат да се запишат и лица со завршени стручни студии, при што факултетот може да пропише диференцијални испити. Одговорноста за утврдување на конкретните услови, тврдат студентите, лежи кај самата високообразовна установа.

Постои документ од МОН потпишан од министерката

Студентите посочуваат дека Министерството за образование и наука уште од октомври минатата година било информирано за случајот. Според нив, постои официјален документ потпишан од министерката проф. д-р Весна Јаневска во кој Министерството дало институционално мислење дека, доколку установата утврди дека се исполнети условите согласно Законот за Национална рамка на квалификации и студентот го достигнал VII ниво на квалификација, не постои пречка за упис на трет циклус. Во истиот документ, тврдат студентите, се наведува и дека студентот има право да напредува и да завршува под условите кои важеле при уписот.

Уплатите биле редовни, студиите активни

Студентите негираат дека платиле повеќе од пропишаното и посочуваат дека редовно посетувале настава и полагале испити. Тврдат и дека одлуките за прекин на студирањето биле донесени со речиси идентична содржина за повеќе студенти, без индивидуална анализа, што според нив не е во согласност со Законот за општата управна постапка. Поради тоа бараат независна институционална проверка на целата постапка.

Системот греши, студентите плаќаат

Студентите укажуваат дека слична практика на запишување со стручни студии постоела со децении на повеќе факултети во рамките на УКИМ, а во прилог наведуваат јавно достапни билтени на универзитетот. Прашањето е директно: зошто мерката паѓа само врз Филозофскиот факултет, додека студентите на другите факултети со идентична образовна патека си продолжуваат со студирањето несметано. Министерката Јаневска призна дека случајот не е изолиран и дека слични состојби постојат и на другите установи, но засега без мерки. Студентите порачуваат: одговорноста е институционална, а не нивна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни