Стотици студенти и овој месец останаа без правото на субвенциониран студентски оброк, откако, според информациите што ги објави „Студентарија“, на дел од студентите им било прекинато правото поради административни пропусти во доставувањето и ажурирањето на податоците.
Според „Студентарија“, најголем дел од погодените студенти овој месец се од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во известувањата што студентите ги добиле како причина за прекинот било наведено дека „не се редовни студенти“, иако, како што посочуваат, тие уредно го имаат тој статус и ги исполнуваат законските услови за користење на правото.
На студентите им се одземени по 3.640 денари
На секој од засегнатите студенти за овој месец му се одземени по 3.640 денари, односно средства за 26 дена по 140 денари. За многу студенти ова не е мала сума, туку важна поддршка за покривање на секојдневните трошоци за храна.
Од „Студентарија“ предупредуваат дека ова не е првпат студентите да го изгубат правото на субвенциониран студентски оброк поради административни пропусти. Според нив, речиси секој месец од почетокот на академската година студенти од различни факултети се соочуваат со ист проблем: факултетите не ги доставуваат податоците навреме, а Министерството за образование и наука не дозволува дополнително ажурирање за тековниот месец.
Студентите повторно ги трпат последиците
Дополнително загрижува, велат од „Студентарија“, тоа што и покрај тоа што факултетот подоцна доставил листи со студенти кои ги исполнуваат условите, МОН не прифаќа ажурирање на податоците за тековниот месец. Со тоа, студентите остануваат без финансиски средства што законски им следуваат, без притоа да имаат каква било вина за настанатата состојба.
„Студентите не смеат да бидат казнувани за административни пропусти на институциите. Правото на субвенциониран студентски оброк мора да биде гарантирано за сите студенти кои ги исполнуваат законските услови, без исклучок и без ризик да го изгубат поради туѓи грешки“, порачуваат од „Студентарија“.
Барање до МОН за итно решение
Од „Студентарија“ го повикуваат Министерството за образование и наука итно да ја преиспита одлуката за прекин на правото на субвенциониран студентски оброк и да изнајде начин за исплата на средствата на студентите од Факултетот за безбедност кои ги исполнуваат условите.
Истовремено, бараат и системско решение што ќе овозможи навремена размена и корекција на податоците меѓу високообразовните установи и Министерството, за од следната академска година ваквите ситуации да не се повторуваат. Според нив, студентите не смеат да ги плаќаат последиците од туѓи грешки.