Street Food Picnic носи девет гастро-штандови и свирки во Паркот на Франкофонија

Второто издание на тридневниот фестивал нуди солени и слатки специјалитети, детски работилници и настапи на домашни бендови и диџеи.

Девет гастрономски изложувачи, детски креативни содржини и жива музика се дел од второто издание на фестивалот Street Food Picnic, што од 18 до 20 септември ќе се одржи во Паркот на Франкофонија во Скопје. Настанот, поддржан од Општина Центар, нуди тридневна програма на отворено насочена кон семејствата и љубителите на добрата храна.

Посетителите на тридневниот настан ќе имаат пристап до понуда на солена и брза храна, како и десерти. За кулинарскиот дел ќе се погрижат девет изложувачи: Milky, Oljo’s, Transilvanisko trdlo, Жешко Компирче, Sweet Corner, Сутлијаш Бар, Panino, Noa Gyradiko и Mustacos.

Секој од штандовите носи посебен специјалитет, од мексиканска храна и гиро до традиционални печени компири и десерти. Организаторите најавуваат концепт што на семејствата и пријателите им овозможува да поминат цел викенд на отворено, комбинирајќи дегустација на храна со содржини за сите генерации.

Овогодишното издание става фокус на активностите за најмладите посетители. Програмата вклучува организирани детски работилници каде децата ќе имаат простор за игра, дружење и развивање креативност.

Целта на овие активности е да им се понуди конкретна содржина на децата додека родителите уживаат во пикник атмосферата во паркот.

Музичкиот дел е поделен на попладневни диџеј сетови и вечерни настапи на бендови во живо. Програмата почнува во петок со настапите на Golemata Voda и диџеј Vaso.

Саботата носи дневна дружба со Shurbe, настап во живо на бендот Day Off и сет на Flooder. Неделната завршница е резервирана за Dimish, Trio Zigot и составот Machki.

е-Трн да боцка во твојот инбокс