На 17 ноември, во InnoX Innovation Center во Скопје, се одржа настанот „Responsible AI in Practice – Bringing the Swedish Perspective to North Macedonia“, посветен на етичката и одговорна употреба на вештачката интелигенција (ВИ), со посебен фокус на нејзината практична примена во бизнис-секторот.
Настанот го организираше Шведско-македонската алумни мрежа, со поддршка на Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, Шведско-македонската стопанска комора, во соработка со Универзитетот Лунд. Целта беше да се поврзат шведските искуства и перспективи со македонскиот деловен и институционален контекст, отворајќи дискусија за конкретните прашања со кои се соочуваат компаниите при воведувањето и користењето на новите технологии.
На настанот присуствуваа претставници на институциите, дипломатскиот кор, компаниите, академската заедница и професионалната јавност. Поздравни обраќања имаа Ангела Анѓеловска, претставник на Шведско-македонската алумни мрежа Радослав Настасиевиќ Варџиски, заменик-министер за дигитална трансформација, Ола Салстром, амбасадор на Шведска во Северна Македонија, Филип Стефановски, претставник на Шведско-македонската стопанска комора, и Андреас Брингелсон од Универзитетот Лунд.
Централниот дел на настанот беше панел-дискусијата „Responsible AI in Practice for Businesses in North Macedonia“, модерирана од Марија Ѓорѓиева од Шведско-македонската алумни мрежа. На панелот учествуваа Горан Стојановски, Business Director во Public Cloud Group во Скопје; Блерим Емрули, професор на Универзитетот Лунд; Владимир Бошњаковски, адвокат и основач на Ethical AI Macedonia; Филип Најдовски, коосновач и заменик-извршен директор на EaseAccess24; и Силвија Гелевски, основач на External Lens Consulting и WINHARQ.
Во фокусот на дискусијата беа практичните аспекти на интегрирањето на вештачката интелигенција во деловните процеси, можностите што таа ги отвора за компаниите, но и предизвиците поврзани со нејзината безбедна, транспарентна и одговорна примена. Различните перспективи од бизнисот, академската заедница и правната практика овозможија темата да се разгледа од повеќе аспекти – од технолошките можности и деловните придобивки, до етичките принципи и потребата од соодветна заштита на правата и интересите на граѓаните.
Во рамките на настанот беше претставена и иницијативата Ethical AI Macedonia, заедно со принципите за одговорна употреба на вештачката интелигенција. Иницијативата има за цел да придонесе кон подигнување на свеста и поттикнување на практики за етичка и одговорна примена на ВИ во македонското општество и деловното опкружување.
Одговорната употреба на вештачката интелигенција не е само технолошко прашање, туку и прашање на доверба, транспарентност, отчетност и заштита на човековите права. Со сè поголемата примена на ВИ во секојдневното работење, компаниите имаат можност да ги унапредат своите услуги, продуктивноста и иновативноста, но истовремено и обврска да размислуваат за влијанието на технологијата врз луѓето, нивните податоци и нивните права.
Настанот претставуваше можност за размена на искуства и отворање дијалог меѓу шведските и македонските чинители за тоа како принципите на одговорна вештачка интелигенција да се преточат во конкретни практики во компаниите и институциите.
По завршувањето на панел-дискусијата, учесниците продолжија со неформално вмрежување и размена на идеи, со цел да се поттикне понатамошна соработка и развој на иницијативи во областа на етичката и одговорната вештачка интелигенција.
