Страшен руски напад врз Киев: Осум загинати, десетици повредени во масовен ракетен и дронски удар

Најмалку осум лица загинаа, а најмалку 34 се повредени во масовниот руски воздушен напад врз Киев и други украински градови што беше изведен во текот на ноќта. Според украинските власти, Русија лансирала десетици крстосувачки и балистички ракети, како и голем број дронови-камикази, само неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Москва подготвува нов голем напад.

Началникот на Киевската градска воена администрација, Тимур Ткаченко, и градоначалникот Виталиј Кличко соопштија дека 32 повредени лица се хоспитализирани. Нападите предизвикале големи пожари и урнати станбени згради, а оштетен е и хотел во центарот на украинската престолнина. До раните утрински часови биле регистрирани штети на најмалку 28 локации, претежно врз станбени објекти и цивилна инфраструктура.

„Непријателот повторно ги гаѓа станбените населби и убива цивили. Имаме сериозни разурнувања и голем број жртви, меѓу кои има и деца“, изјави Ткаченко.

Напади од повеќе правци

Според украинските воздухопловни сили, кон Киев, Миколаив, Конотоп и Херсон биле испратени повеќе бранови дронови, по што следувале удари со балистички ракети, вклучително и хиперсонични ракети „Циркон“.

Ткаченко предупреди дека дроновите го напаѓале главниот град „од сите страни“ и не ја исклучи можноста нападите да продолжат и во наредните денови. Илјадници жители ноќта ја поминале во засолништа и станици на метрото.

Уништени згради и пожари низ градот

Во Шевченковскиот реон бил погоден објект во кој се наоѓала служба за итна медицинска помош, при што биле повредени пет медицински работници. Еден болничар е во критична состојба.

Во истиот реон целосно е уништена една станбена зграда, додека пожар избувнал и во хотел во центарот на Киев. Во Десњанскиот реон се урнала деветкатна станбена зграда, а спасувачките екипи сè уште трагаат по затрупани лица. Пожари биле пријавени и во Печерскиот, Соломјанскиот и Холосиевскиот реон.

Зеленски: Русија подготвува нови масовни напади

Неколку часа пред нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Украина располага со разузнавачки информации за подготовка на нова серија масовни руски воздушни удари.

„Еднаш или двапати неделно сме изложени на големи воздушни напади. Денес добивме вознемирувачки информации дека Русија подготвува уште еден таков масовен удар“, изјави Зеленски.

Русија ја менува тактиката

Според украинските власти, Москва во последните недели ја променила тактиката на воздушните напади, користејќи поголем број балистички ракети за да ги искористи ограничените капацитети на украинската противвоздушна одбрана, особено недостигот од системите „Патриот“.

Освен станбени населби и цивилна инфраструктура, последните руски напади сè почесто се насочени и кон културни институции и историски знаменитости во Киев. Меѓу оштетените објекти во претходните напади се Националниот уметнички музеј, Националната опера, зградите на украинската влада, стадионот „Динамо Лобановски“ и музејот посветен на катастрофата во Чернобил.

е-Трн да боцка во твојот инбокс