Најмалку шест лица загинаа во голем пожар што денеска избувна во десеткатна станбена зграда во белгискиот град Антверпен, додека спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по исчезнатите станари.
Пожарот избувнал нешто пред 10 часот по локално време во населбата Линкерувер, а густ чад за кратко време ги зафатил повисоките катови од зградата, во која живеат повеќе од 200 лица во околу 80 станови.
Во тек е голема спасувачка акција
Белгиската полиција соопшти дека постои стравување бројот на жртви да се зголеми, бидејќи неколку жители сè уште се водат како исчезнати. Во гаснењето на пожарот учествуваат бројни противпожарни екипи, специјализирани тимови со дронови, како и дополнителни единици од соседните противпожарни служби.
Поради големиот број повредени е активиран посебен медицински план за координација на приемот на пациентите во болниците. Евакуираните станари кои не побарале лекарска помош се сместени во привремени прифатни центри.
Апел до жителите
Локалните власти ги повикаа граѓаните кои живеат во близина да останат во своите домови, да ги затворат прозорците и вратите и да ги исклучат системите за вентилација поради густата чадна покривка што се прошири над населбата.
Според првичните информации, пожарот најверојатно бил предизвикан од технички дефект во приземниот дел на зградата, но точната причина ќе биде утврдена по завршувањето на истрагата.
Белгиското обвинителство отвори судска истрага, а на местото на трагедијата се испратени истражен судија и експерти за пожари кои треба да ги утврдат сите околности. Белгискиот премиер изрази сочувство до семејствата на загинатите и им се заблагодари на пожарникарите, полицијата и медицинските екипи за брзата интервенција.
Спасувачката операција и проверката на оштетената зграда продолжуваат, а властите предупредуваат дека потрагата може да трае уште неколку часа поради обемот на штетата и сложеноста на интервенцијата.