Сејф сити започна да важи и за странци

МВР: Странците ги плаќаат денешните, но и казните од претходните прекршоци

Системот „Безбеден град“ на Табановце ги детектира сите неплатени глоби на странски возила пред излез од државата

Системот „Безбеден град“ од денес започна со активна контрола и санкционирање на возилата со странски регистарски таблички на граничниот премин Табановце. При обид за излез од државата, дигиталниот механизам ги регистрира сите сообраќајни прекршоци што возилото ги направило на територијата на Македонија. Полициските службеници веднаш им врачуваат записник и платен налог на возачите, кои мора да ги подмират заостанатите и новите казни за да ја преминат границата.

Првиот ден од примената на новиот механизам доведе до зголемено задржување на граничниот премин Табановце. Поголемиот број сопирања се должи на тоа што системот ги опфаќа и сите претходно евидентирани сообраќајни прекршоци што странските возила ги направиле во изминатиот период.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека преземаат дополнителни мерки за забрзување на процедурата и намалување на времето на чекање. Полицајците на самото место им соопштуваат на возачите за каков прекршок станува збор и им издаваат соодветен платни налог со можност за наплата согласно законските прописи.

Со воведувањето на овој механизам се прекинува праксата во која странските возила поминуваа без казна за прекршоците забележани од радарите и камерите. Новиот систем обезбедува еднаков третман за сите учесници во сообраќајот, без оглед дали управуваат возило со домашни или странски регистарски таблички.

„Безбеден град“ останува еден од главните инструменти за зголемување на сообраќајната одговорност и намалување на ризиците на патиштата. Од МВР потврдуваат дека оваа постапка на Табановце е само прва фаза и дека системот за контрола на странски возила постепено ќе се прошири на сите останати гранични премини во државата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс