Грчките цариници денеска штрајкуваа, што предизвика застој на граничните премини „Евзони“, „Дојрани“ и „Ники“. На преминот „Евзони“ сообраќајот беше во прекин со спуштени рампи. За време на штрајкот, патничките возила беа пропуштани периодично, додека товарниот сообраќај беше стопиран.
Штрајкот на грчките цариници предизвика значителен застој на границата кон Грција. На преминитe „Евзони“, „Дојрани“ и „Ники“ патничките возила беа пропуштани еднаш на секои десет минути во периодот од 6 до 10 часот по грчко време. Овој режим на работа создаде долги колони, особено на „Евзони“, кој е најфреквентен за време на летната сезона.
Товарниот сообраќај за време на штрајкот беше целосно запрен. Ваквата ситуација предизвика застој за транспортерите кои минуваа низ овие гранични премини.
Туристичките организации претходно ги советуваа граѓаните да ја проверат состојбата на граничните премини пред поаѓање кон Грција. Се препорачуваше планирање дополнително време за патување поради можните чекања. Иако се очекува сообраќајот постепено да се нормализира по завршувањето на штрајкот, зголемениот број возила може да предизвика задржувања и во текот на остатокот од денот.
Видео-камерите на граничниот премин „Богородица“ покажуваат дека веќе се пропуштаат возилата кои влегуваат во Грција и сообраќајот постепено се нормализира.