Мозокот продолжува да го обработува јазикот дури и кога телото е под анестезија и човекот е во несвесна состојба. Иако лицето не е свесно, одредени делови од мозокот остануваат активни, препознаваат звуци и говор и реагираат на надворешни дразби, покажува истражување објавено во списанието Nature.
„Нашите наоди покажуваат дека мозокот е значително поактивен и поспособен во несвесна состојба отколку што досега се мислеше. Дури и кога пациентите се под целосна анестезија, нивниот мозок продолжува да го анализира светот околу себе“, изјави Самир Шет, коавтор на студијата од Медицинскиот факултет „Бејлор“.
Како било спроведено истражувањето?
Научниците проучувале седум пациенти кои биле подложени на операција поради епилепсија, при што требало да се отстрани дел од слепоочниот резен за да се контролираат нападите. Со помош на Neuropixels сонди, мали силиконски игли, тимот собирал податоци за тоа како мозокот обработува звук и јазик додека пациентите се во несвесна состојба.
Во првиот тест, пациентите слушале низа исти тонови, кои повремено биле прекинувани со поинаков тон. Околу 71 процент од невроните реагирале на звук, што укажува дека мозокот ги регистрирал тоновите, додека 25 проценти од нив реагирале на различните, неочекувани звуци. Истражувачите откриле и дека способноста на мозокот да ги детектира овие необични звуци со текот на времето се подобрувала.
Во вториот експеримент, на четворица пациенти им биле пуштани поткасти. Научниците откриле дека мозокот го обработувал говорот во реално време, реагирајќи на поединечни зборови и различни елементи на говорот. Уште поинтересно, мозокот, дури и во несвесна состојба, можел да ги предвиди следните зборови врз основа на претходниот контекст.
„Овој вид предиктивно кодирање обично го поврзуваме со будност и внимание, а сепак се случува и во несвесна состојба“, изјави Бенџамин Хејден, професор на Медицинскиот факултет „Бејлор“.
Авторите на студијата нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за подобро да се разбере мозочната активност под анестезија, но и дали слично ниво на невронска активност може да се забележи за време на спиење или други несвесни состојби.