Британскиот музичар Стинг изјави за Би-би-си дека вештачката интелигенција не претставува вистинска закана за човечката креативност бидејќи нема сопствена приказна. Тој посочи дека технологијата може да произведе функционална поп-музика, но не може да ја понуди суштината што публиката ја бара на настапите во живо. Во разговорот објавен неделава, тој предупреди и на ризиците од технолошкиот развој врз работните места, споредувајќи ги со колапсот на традиционалната индустрија.
Стинг смета дека вештачката интелигенција лесно создава генерички мелодии, но прашува дали некој навистина сака да ги слуша на подолг рок. Според него, звуците што алгоритмот ги генерира наликуваат на позадинска музика за железнички станици или хотелски лобија.
„ВИ никогаш немала скршено срце. Нема своја приказна, туку има позајмена приказна“, изјави поранешниот фронтмен на групата „Полис“. Токму затоа, додаде тој, сè уште не постои реална конкуренција меѓу живите музичари и софтверот. Публиката што доаѓа пред сцена сака да види ранливо човечко битие кое прави грешки, а не беспрекорна машина.
Иако не гледа директна закана за уметничкиот израз, музичарот отворено предупредува на економските последици од брзиот развој на технологијата.
„Моментално сме во опасност бидејќи ВИ потенцијално може да го уништи пазарот на труд. Сите сме загрозени“, истакна Стинг.
Тој направи паралела со сопствениот роден град во текот на осумдесеттите години од минатиот век. Тогаш илјадници работници преку ноќ ги загубиле работните места во бродоградилиштата поради макроекономски одлуки, оставајќи цели генерации со вештини што пазарот одеднаш ги прогласил за непотребни. За него, сличен бран сега му се заканува на модерниот свет.
Покрај дигиталната трансформација, музичарот зборуваше и за климатската криза како втора глобална закана. Тој се присети на посета на прашумите во Амазонија пред точно триесет години, кога локален жител му порачал: „Моето село гори, мојата шума гори, а еден ден ќе гори и вашата“.
Денес тие зборови ги оценува како сурово точни.
„Еве нè триесет години подоцна: полињата ни горат, парковите се кафеави, дрвјата умираат. Ќе сакав да грешеше“, рече Стинг.
Основачот на организацијата за заштита на дождовните шуми „Рејнфорест фонд“ додаде дека просторот за оптимизам се стеснува, но дека општествата мора да изградат политичка волја за да го запрат натамошното уништување.