Британскиот премиер во заминување Кир Стармер повторно ја потврди посветеноста на Велика Британија кон НАТО, оценувајќи дека Алијансата е „најуспешниот воен сојуз што светот некогаш го познавал“. Стармер денеска во Даунинг стрит се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во пресрет на самитот на Алијансата што ќе се одржи на 7 јули во Анкара.
На средбата британскиот премиер истакна дека минатогодишниот самит донел значајни резултати и изрази уверување дека претстојниот состанок ќе биде уште поуспешен.
„Важно е уште еднаш да ја потврдиме посветеноста на Велика Британија кон НАТО и кон посилна европска улога во рамките на Алијансата. НАТО е најуспешниот воен сојуз што светот некогаш го познавал“, изјави Стармер.
Двајцата функционери разговарале и за актуелните безбедносни предизвици, меѓу кои војната во Украина, конфликтот меѓу Иран и САД, како и ситуацијата во Ормускиот теснец. Во пресрет на самитот, земјите-членки на НАТО се очекува да ги претстават своите планови за зголемување на основните трошоци за одбрана на 3,5 проценти од бруто-домашниот производ до 2035 година.
Руте му се заблагодари на Стармер за поддршката што Велика Британија ѝ ја дава на Украина, како и за улогата на Лондон во јакнењето на европската безбедност и одбранбената индустрија. Тој исто така оцени дека не е загрижен поради можноста идниот британски премиер Енди Барнам да нема големо искуство во надворешната политика, истакнувајќи дека секој нов лидер има тим од дипломати, воени и безбедносни советници кои ќе му помогнат во извршувањето на функцијата.
На прашањето дали би ја поддржал евентуалната кандидатура на Стармер за челната позиција во НАТО во иднина, Руте одговори дека во моментов нема отворена постапка за избор, но го оцени британскиот премиер како влијателен лидер и не ја исклучи можноста за поддршка во иднина.