Две швајцарски компании ќе претвораат застарени сателитски антени во Алпите во џиновски соларни панели и со тоа ќе ги искористат предностите на планинскиот терен за производство на зелена енергија. Сместени во планините, соларните панели ќе добиваат повеќе директна сончева светлина, посебно во текот на зимските месеци, отколку ако се инсталирани блиску магливи, пониски градски подрачја.
„Поранешните сателитски антени се идеални како системи за соларна енергија“, велат од CKW Grоup, компанија за енергетски услуги, која на овој проект соработува со локалната компанија Leuk Teleport and Data Center, пренесува Reuters.
Во соопштението се наведува дека антените можат флексибилно да се усогласат со сонцето и да произведуваат повеќе електрична енергија од конвенционалните панели. Една таква антена може да ги задоволи потребите за енергија на 25 домаќинства, велат од CKW Grоup.
Антените прекриени со соларни панели имаат пречник од 32 метри и се наоѓаат на околу 1.000 метри надморска височина, што им овозможува да примаат оптимално ниво на сончева светлина, дури и во зима.
Швајцарската влада во август минатата година стартуваше кампања за да ги поттикне потрошувачите и компаниите да штедат енергија за да се спречи недостиг на гас и струја.
„Швајцарија се соочува со голем предизвик. До 2050 година ќе има недостиг од околу 50 терават-часови електрична енергија годишно“ соопштија од Axpo Grоup, најголемиот швајцарски производител на обновлива енергија, во чија сопственост е CKW Grоup.
Извор: greennews.rs