Kаде згаснаа старите скопски кина?

Некогаш Скопје имаше кино во повеќе маала, а филмот беше дел од градската вечер. Денес старите сали се затворени, редовната програма се стеснува, а големото платно сè почесто се сведува на молови, приватни иницијативи и стриминг дома.

Некогаш киното не беше само место каде се гледаше филм. Беше вечерно излегување, маалска навика, прв состанок, детско возбудување и градски ритуал. Во многу македонски градови кино-салата беше едно од ретките места каде луѓето се собираа без да мора да бидат на свадба, политички настан, кафеана или училишна приредба. Денес, за многу градови, тоа искуство е исчезнато, преселено во мол или заменето со стриминг платформи дома.

Прашањето не е дали луѓето сè уште гледаат филмови. Гледаат. Но каде ги гледаат? Во која сала, со која публика, со каква програма и со каков пристап за младите, децата, повозрасните и луѓето кои не живеат во Скопје? Кога последен пат вашиот град имаше вистинска кино вечер?

Македонија има филмска меморија многу постара од денешните мултиплекси. Битола, преку браќата Манаки, е дел од самиот почеток на балканската кинематографија. Кинотеката на Македонија денес чува огромен филмски фонд, плакати, фотографии и филмски материјали, но филмската меморија и живата кино-култура не се исто. Едно е да имаме архива. Друго е секој град да има редовна можност да гледа филм на големо платно.

Скопје некогаш имаше кина во повеќе населби

Скопје е најдобриот пример за тоа колку драматично се променила кино-мапата. Во 1970-тите и 1980-тите, главниот град имал 12 активни киносали и четири летни простори за прикажување филмови. Филмот не бил концентриран само во центарот. Кина имало низ повеќе населби, а скопјани паметат имиња како „Култура“, „Вардар“, „Напредок“, „Карпош“, „Балкан“, „Дом на градежниците“, „Маџари“, „Бутел“, „Влае“, „Братство“, „Парк“ и „Бамби“.

Ако тие кина се погледнат според денешната градска карта, јасно се гледа дека киното било дел од вистинската маалска инфраструктура. Центар бил најсилното кино-јадро, со кина како „Култура“, „Вардар“, „Балкан“, „Дом на градежниците“, „Младина“ и други простори. Карпош имал своја кино-меморија преку „Карпош“ и Влае. Гази Баба се врзува со „Маџари“, Бутел со киното „Бутел“, Чаир и старата чаршија со „Напредок“ и „Братство“, а Кисела Вода и Драчево со свои локални простори за проекции.

Тоа значи дека киното некогаш не било луксуз за кој мора да се оди на друг крај од градот. Било дел од населбата. Дел од културната рутина. Дел од тоа како градот дише навечер.

Големото платно се стесни на неколку точки

Денешната слика е многу поинаква. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година со истражувањето биле опфатени 17 кина во земјата. Биле прикажани 922 филмови, одржани 12.057 кинопретстави, а бројот на посетители изнесувал 299.560. Во споредба со 2024 година, бројот на кинопретстави е намален за 12,9 проценти. Во 2024 година, пак, биле опфатени 18 кина и регистрирани 334.479 посетители.

Овие бројки покажуваат дека киното не исчезнало целосно, но се стеснило. Се концентрирало. Се променило. Филмот денес за голем дел од публиката е или во комерцијален мултиплекс, или во неколку институционални сали, или на стриминг платформа дома. За многу помали градови, редовната кино вечер повеќе не е нормален дел од неделата, туку повремен настан, фестивалска програма или ретка проекција во дом на култура.

Најновите случувања во Скопје дополнително ја отвораат оваа болна точка. Кината „Милениум“ и „Фросина“ во 2026 година беа суспендирани од мрежата „Еуропа синемас“, бидејќи „Милениум“ не работи, а „Фросина“ нема континуирана филмска програма.

Тоа е силен кулутуролошки удар: град што некогаш имал густа мрежа на киносали денес се соочува со ситуација во која и неговите препознатливи институционални кина не функционираат како редовна филмска сцена.

Надвор од Скопје, состојбата е уште почувствителна. Во статистичките податоци за кината низ годините се појавуваат општини и градови како Охрид, Струга, Прилеп, Штип, Свети Николе, Битола, Куманово, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка, Кочани, Пробиштип и Велес.

Но, присуството во статистика не значи секогаш жива кино-култура. Едно е да има сала или регистрирана активност, друго е да има редовен репертоар, публика, промоција, современа техника и навика кај луѓето дека во нивниот град може да се гледа филм.

Дел од празнината денес ја пополнуваат нови модели како Киноверзум, кој има локации во Свети Николе, Штип, Велес, Кисела Вода и Драчево. Тоа е мал пример дека киното може да се врати и во помали средини кога има организација, програма и технички услови. За жал, ваквите примери истовремено го отвораат прашањето: дали кино-културата треба да зависи само од приватна иницијатива и пазарна одржливост, или општините треба да ја третираат како јавна културна услуга?

Киното не исчезна само поради стримингот

Затоа исчезнувањето на малите кина не може да се објасни само со стримингот. Да, луѓето денес имаат филмови дома, на телефон, на лаптоп, на телевизор. Но, стримингот не ја заменува јавната културна навика. Не го заменува чувството дека градот има вечерен живот што не е само кафе, кладилница, мол или приватна забава. Не го заменува искуството дете првпат да влезе во темна сала и да види филм на големо платно.

Малите кина исчезнуваа и затоа што со години беа третирани како застарени објекти, а не како културна инфраструктура. Многу сали останаа без вложување, без модерна техника, без стабилна програма, без локална промоција и без јасна поддршка од општините. Кога киното ќе се остави да работи само ако „се исплати“, прво исчезнува авторскиот филм, потоа документарниот, потоа детскиот, потоа европскиот, а на крај исчезнува и самата навика да се оди во кино.

Град без кино не е само град без филм. Тоа е град без една од најдостапните форми на заедничка култура. Без простор каде младите можат да гледаат нешто поинакво од алгоритмот што им го нуди платформата. Без место каде локалната публика може да види македонски филм, европски филм, документарец, фестивалска програма или детска проекција без да патува во друг град.

Кога последен пат вашиот град имаше кино вечер? Одговорот на ова прашање кажува многу повеќе од тоа колку сакаме филмови. Кажува дали градот има културен живот по работното време. Дали има јавен простор за младите. Дали домот на култура е жив или празен. Дали филмот е достапен за сите, или станал привилегија на неколку комерцијални локации.

Киното не треба да биде спомен од детството на повозрасните генерации. Треба да биде дел од градската сегашност. Зашто кога ќе згасне последната кино-сала, не се гаси само проекторот. Се гаси уште едно место каде градот можел да се собере, да гледа, да молчи, да се смее и барем два часа да доживее нешто заедно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс