Истражување: Ултра-преработената храна го зголемува ризикот од рак на простата

Американска студија врз 17.000 мажи покажа дека индустриските грицки и пијалаци носат до 34 проценти поголема опасност од малигно заболување.

Мажите што редовно консумираат ултра-преработена храна се соочуваат со значително повисок ризик од рак на простата, покажува најновото истражување на Медицинскиот факултет „Чарлс Е. Шмит“ при Универзитетот Атлантик во Флорида (FAU). Анализата на податоци од 17.024 мажи, објавена во стручното списание The American Journal of Medicine, утврди дека лицата со највисок внес на индустриски прехранбени производи имаат од 24 до 34 отсто поголем ризик од ова заболување.

Истражувачите ги следеле податоците од американската Национална анкета за здравје и исхрана (NHANES) во период од 2003 до 2023 година. Преку системот за класификација „NOVA“, испитаниците биле поделени во четири групи според застапеноста на ултра-преработената храна во дневниот внес на калории, од под 20 отсто до над 44 отсто.

Ултра-преработената храна опфаќа газирани сокови, пакувани житарици, грицки и преработени месни производи. Овие производи се фабрикувани со рафинирани масти, додадени шеќери, индустриски скробови и хемиски адитиви кои го продолжуваат рокот на траење и го менуваат вкусот, но имаат минимална нутритивна вредност. Научниците предупредуваат дека ваквата храна поттикнува метаболички нарушувања, системски воспаленија, оксидативен стрес и дисбаланс на цревниот микробиом.

Резултатите покажаа дека мажите во трите групи со повисок внес имаат 29 отсто поголем ризик од рак на простата во споредба со оние што внесуваат најмалку таква храна. По контролата на варијаблите како возраст, етничка припадност, пушење и економски статус, зголемениот ризик останува статистички значаен и се движи меѓу 24 и 31 процент.

„Кај возрасните мажи во оваа репрезентативна популација, оние со поголема консумација на ултра-преработена храна имаат значително поголем ризик од развој на рак на простата“, истакна водечкиот автор д-р Чарлс Хенекенс. Тој додаде дека наодите укажуваат на потреба од дополнителни опсервациски студии и клинички испитувања.

Ракот на простата е најчесто дијагностициран канцер и втор водечки причинител на смрт од рак кај машката популација. Според Меѓународната агенција за истражување на ракот, глобално секоја година се бележат околу 1,5 милиони нови случаи и речиси 400.000 смртни исходи.

Авторите на студијата посочуваат дека борбата со штетните ефекти од индустриската храна наликува на историската битка против тутунската индустрија во минатиот век, каде што беа потребни децении научни докази за воведување строги јавни регулативи. Здравствените работници апелираат фокусот да се префрли кон зголемување на достапноста на свежа, минимално обработена храна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс