Клубот „Станица 26“ ќе биде осветлен во боите на виножитото по повод месецот на Прајд, како симболична почит кон македонскиот оперски пејач Војкан Јовановиќ.
Клубот „Станица 26“ ќе биде осветлен во боите на виножитото по повод месецот на Прајд, во чест на Војкан Јовановиќ, македонски оперски пејач кој остави значаен белег на културната сцена. Информацијата беше објавена на профилот на „Терапија.мк“, од каде посочуваат дека културата отсекогаш била простор во кој различностите не се кријат, туку се слават.
Во објавата се нагласува дека, во време кога на многу места низ светот Прајд настаните се ограничуваат или забрануваат, културата останува важен простор за слобода на изразување, видливост и достоинство.
„Секое општество што се стреми кон развој мора да остави простор за слобода на изразување, видливост и достоинство за сите свои граѓани“, стои во објавата.
Од „Терапија.мк“ истакнуваат дека Јовановиќ творел во време кога различноста била табу-тема, а видливоста барала храброст. Неговото наследство, како што наведуваат, не било создадено преку грантови, кампањи или политички поени, туку преку талент, работа и личен интегритет.
Осветлувањето на „Станица 26“ во боите на виножитото е замислено како почит кон уметникот, човекот и неговиот придонес кон културата.
Од „Терапија.мк“ порачуваат дека остануваат културна сила и сојузник на заедницата, поддржувајќи иницијативи што слават љубов, различност и еднаквост.