Од денеска Србија започнува со примена на платната шема SEPA (единствено подрачје за плаќања во евра), што ќе донесе пониски провизии и побрзи трансакции со земјите од Европската унија. Овој чекор значително го олеснува трансферот на пари и за граѓаните и за компаниите.
Со приклучувањето кон SEPA, трансакциите кои претходно траеја неколку дена поради вклученост на посреднички банки, сега ќе се извршуваат во рок од еден работен ден. Се очекува и значителна заштеда на трошоци на годишно ниво, проценета на околу 50 до 60 милиони евра.
Во почетната фаза ќе биде достапен само SEPA Credit Transfer, додека услугите како инстант трансфери и директни задолжувања се очекува да започнат во текот на следната година, кога банките технички ќе се подготват.
За компаниите ова значи поедноставено плаќање кон странски партнери и побрз прилив на средства, додека граѓаните ќе имаат поевтини и побрзи трансфери, вклучително и дознаки од странство. Висината на провизиите ќе ја одредува секоја банка поединечно, според своите тарифи.
Од Народната банка на Србија информираат дека нема да има дополнителни обврски за корисниците, ниту потреба од посебни прилагодувања. Системот овозможува стандардизирани и поефикасни безготовински плаќања во евра во рамките на 41 земја, меѓу кои се сите членки на Европската унија, како и други европски држави.
Вклучувањето во SEPA се смета за важен чекор во процесот на европска интеграција на Србија и усогласување на финансискиот систем со европските стандарди. Со тоа, плаќањата во евра ќе се вршат по исти правила и процедури, без разлика дали станува збор за домашни или прекугранични трансакции.