Сплит планира да воведе забрана за продажба на алкохолни пијалаци во вечерните и ноќните часови, откако жителите со години се жалат на нереди предизвикани од пијани туристи во центарот на градот.
Повраќање по улици, уринирање на јавни површини, спиење во влезови на згради, тепачки и викање до раните утрински часови станаа дел од летната слика во центарот на Сплит.
Градот сега се обидува да го намали проблемот со забрана за продажба на алкохол во продавници од 21 часот навечер до 6 часот наутро.
Жителите со години предупредуваат на проблемот
Колку е сериозна состојбата покажуваат и податоците на Заводот за итна медицина на Сплитско-далматинската жупанија.
Само во текот на јуни, Итната помош примила повеќе од 50 повици поради алкохолизирани лица на јавни површини, а неофицијално, во најголем дел од случаите станувало збор за млади странски туристи.
Најмногу интервенции се бележат за време на викендите, кога се популарни организираните тури низ барови, познати како pub crawl, при кои туристите посетуваат повеќе локали и консумираат поголеми количини алкохол.
„Жител сум на овој град и ова дивеење е преку секоја мера. Се случувало да ѕвонат во секое време, да изгубат клучеви и да ѕвонат кај сите. Еднаш, кога излегував од стан, за малку ќе згазев врз луѓе што спиеја пред мојот праг“, раскажала жителка на центарот на Сплит.
Забрана од 1 јуни до 15 септември
Предлог-одлуката во моментов е на јавно советување. Ако биде усвоена, би требало да стапи во сила за околу еден месец.
Според предлогот, во наредните години, од 1 јуни до 15 септември, алкохолни пијалаци во продавниците на подрачјето на Сплит би можеле да се купуваат само од 6 до 21 часот.
Забраната нема да се однесува само на класични продавници, туку на сите продажни места каде што се продава алкохол. Тоа вклучува супермаркети, мини маркети, киосци, бензински пумпи, штандови, пазари, автомати и други облици на продажба надвор од угостителски објекти.
Одлуката не би го ограничила работното време на продавниците, туку само продажбата на алкохол.
Казни до 40.000 евра
Спроведувањето на одлуката би го надгледувал Државниот инспекторат и други надлежни институции.
За прекршителите се предвидени високи казни. Правните лица би можеле да бидат казнети со суми од 5.000 до речиси 40.000 евра, додека за одговорните и физичките лица се предвидени казни од 2.000 до 6.630 евра.
За занаетчиите се предвидени казни од 5.000 до 13.270 евра.
Дел од граѓаните се сомневаат дека мерката ќе помогне
Иако дел од жителите ја поддржуваат забраната, не сите веруваат дека таа ќе го реши проблемот.
Некои сметаат дека туристите ќе купуваат алкохол порано и ќе ја заобиколат забраната. Други, пак, велат дека секоја мерка е подобра од тоа проблемот целосно да се игнорира.
Градот наведува дека целта е да се намали нарушувањето на јавниот ред и мир, да се заштити квалитетот на живот на жителите, но и културното наследство и животната средина.
И други градови најавуваат слични мерки
Примерот на Сплит би можеле да го следат и други хрватски туристички градови.
Задар веќе најави ограничување на продажбата на алкохол, слична мерка планира и Макарска, каде што како проблем се посочуваат продавниците и сувенирниците што во центарот продаваат евтин алкохол. Забрана најавува и Хвар.
Јавното советување во Сплит трае до 27 јули, по што градот ќе ги разгледа пристигнатите коментари и ќе објави извештај. Ако одлуката биде усвоена, таа би требало да стапи во сила во текот на август.