Австриската служба за спасување во подрачјето на Тирол спроведе сложена операција во која беа вклучени и хеликоптери за да спаси група од 36 туристи, кои се заглавиле на Алпите без соодветна опрема. Во групата имало тинејџери и мали деца, а некои од нив носеле дури и бебешки колички на тежок планински терен. Сите трошоци за оваа спасувачка акција ќе мора да ги покријат самите планинари.
Групата составена од три семејства тргнала на планинарење од планинската станица Вилдшпицбан во близина на познатиот центар Зелден. Тие се искачиле на надморска височина од над 2.300 метри, каде брзо се соочиле со тешки услови на теренот кои не биле соодветни за нивната подготвеност и опрема.
Полицијата во Тирол соопшти дека членовите на групата практично немале никаква опрема за планински услови. Дополнителен ризик претставувало присуството на мали деца и бебешки колички, што го направило нивното понатамошно движење или безбедно враќање речиси невозможно.
По добиениот повик за помош, планинската служба веднаш активирала копнени екипи и хеликоптери. Поради непристапниот терен и бројноста на групата, евакуацијата барала значителни ресурси и брза координација на терен.
Сите 36 лица биле успешно безбедно пренесени до најблиските центари без сериозни повреди, но австриските власти потврдија дека учесниците ќе ги сносат комплетните финансиски трошоци за користењето на хеликоптерите и ангажманот на спасувачките тимови.