Шпанското крајбрежје се соочува со сериозна криза поради прекумерната урбанизација и сè посилните ефекти од климатските промени, предупредува нов извештај на „Гринпис“ со наслов „Уништување по секоја цена 2026“.
Во извештајот се идентификувани 194 критични точки долж брегот каде ерозијата и пропаѓањето се најизразени. Само во текот на 2025 година, повеќе од 100 плажи морале вештачки да се обновуваат, за што биле потрошени околу 246 милиони евра.
Според „Гринпис“, овие интервенции се сè поскапи и сè помалку ефективни, бидејќи претставуваат само привремено решение. Дури 70 проценти од средствата биле вложени во регионот Валенсија, а речиси 20 проценти во Андалузија.
Организацијата предупредува дека серијата од осум именувани бури минатата зима била „тест“ за сегашниот модел на управување со крајбрежјето – кој, според нив, целосно потфрлил. Како последици се наведуваат поплавени домови во Валенсија, урнати шеталишта во Гихон и Сан Себастијан, одрони на Тенерифе и бројни плажи кои останале без песок.
Меѓу најзагрозените подрачја се делтата на реката Ебро во Каталонија, која се смета за најранлива точка на Пиринејскиот Полуостров, како и крајбрежјето на националниот парк Доњана во Андалузија и туристичката зона Ла Манга дел Мар Менор во регионот Мурсија.
На листата се и локации како Ла Рестинга де л’Албуфера кај Валенсија, плажата Кампосото во Кадиз и крајбрежјето на Маспаломас на островот Гран Канарија.
Извештајот предупредува дека исчезнувањето на плажите директно го загрозува туризмот и работните места поврзани со него. Затоа „Гринпис“ повикува на итни мерки – обновување на крајбрежните екосистеми, запирање на градењето во ризични зони и долгорочно планирање базирано на научни решенија.