Илустрацијата надвор од книгата: Како авторите градат автономни ликовни светови

Делата на Христина Мазнеска, Марко Трпески и Филип Трајковски го ослободуваат визуелниот цртеж од пишаниот збор во галеријата КО-РА.

Во четврток во 19 ч. во Галерија КО-РА при Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје ќе се отвори групната изложба на илустрации „Современа македонска илустрација vol.2“ на илустраторите Филип Трајковски, Марко Трпески и Христина Мазнеска.

Групната изложба на македонските уметници и илустратори Христина Мазнеска, Марко Трпески и Филип Трајковски, низ еден селективен пристап и презентација на нивните илустрации, апстрахирани од текстуалната предлошка, нуди согледување на нивниот индивидуален ликовно – илустраторски пристап. Ликовно претставување на нивните илустраторски светови.

Дијапазонот на Филип Трајковски се протега од фантастична реалност, еден лирско – метафоричен ликовен израз, па сѐ до неговите афинитети кон стрипот и карикатурата. Со мајсторска прецизност на цртежот и негово комбинирање со бојата, како и присуство на аниматорската тенденција, илустраторскиот свет на Филип е полн со чудости.

Темите во дигиталните колажи на Марко Трпески како да го воскреснуваат надреалистичкиот концепт. Неговиот интерес за деталноста во изразот, за што поголема реалистичност, е присутна насекаде. Движејќи се низ луцидното и потсвесното, со реминисцентност кон митолошкото и архетипското, во светот на Марко сите комбинации се возможни; таму сѐ е дозволено.

Христина Мазнеска својот израз го пронаоѓа во фантастичното реално. Нејзиниот илустраторски свет е необременет од аномалиите и проблемите на модерната епоха во која сите суштествуваме. Во тој свет отсуствува тагата, болката, страдањето, а дозволено само спојување на магичното, митолошкото, односно светот на самовилите, каде се возможни само чуда.

– Марјан Минов, историчар на уметност и кустос на изложбата

Организатор на изложбата: Христина Мазнеска

Графички дизајн: Марко Трпески


Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс