Од Долно Дупени до Љубојно: Пет адаптивни велосипеди за туризам достапен за секого

Нова услуга за изнајмување специјализирани точаци во Ресен ги отвора патеките крај езерото за лицата со попреченост.

Во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, изминатиот викенд беа реализирани две значајни активности кои ги поврзаа инклузијата, рекреацијата, традицијата и креативноста.

На 7 ноември беше организиран промотивен настан на кој беа презентирани пет видови адаптивни велосипеди наменети за лица со различни видови попреченост. Воедно беше промовирана и услугата „Рент-адаптив-вело“, со која ќе раководат претставниците на Здружение Иднина на традицијата од Ресен. Услугата ќе овозможи полесен пристап и изнајмување на адаптирани и стандардни велосипеди и ќе придонесе кон развој на подостапен и поинклузивен велосипедски туризам во Преспа.

Во рамки на настанот, учесниците имаа можност да учествуваат во тест-возење на релацијата Долно Дупени – Љубојно, при што непосредно се запознаа со можностите, удобноста и функционалноста на адаптивните велосипеди. Преку оваа активност беше испратена јасна порака дека природните убавини, рекреативните содржини и туристичките атракции треба да бидат достапни за сите, без исклучок.

На 8 ноември се одржа едукативно-креативната работилница „Духот на традицијата“, на која учество земаа 13 ученици од основните училишта од Ресен. Учесниците се запознаа со традиционалните и современите занаети, а посебно внимание беше посветено на старото занаетчиско умеење – бакрорезот.
„Сите учесници со голем интерес и ентузијазам изработуваа магнети и уметнички творби од бакар со различни мотиви. Особено ме радува нивната креативност, љубопитност и желба да научат нешто ново, но и интересот повторно да учествуваат на вакви работилници. Токму тоа ни дава мотивација да продолжиме да ги негуваме и пренесуваме занаетите кај младите генерации.“ – изјави Гордана Стојаноска, менторка на работилницата, долгогодишна чуварка на занаетот бакрорез и членка на здружението Иднина на традицијата.


Во наредниот период следува уште една активност во рамки на проектот – работилница за арт терапија, преку која учесниците ќе имаат можност, со помош на техники на дишење, дружење и креативен пристап, да го истражат слободното изразување и да се поврзат со природните убавини на Преспанскиот регион.
Активностите се реализираа во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, кој е дел од програмата #EUforPrespa, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, а спроведувана од УНДП во партнерство со релевантни локални и национални чинители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс