„Соочувања“ самостојна изложба на Стефан Младеновски во Остен

Стефан Младеновски е ликовен уметник дипломиран на ФЛУ чија практика се движи помеѓу графиката, цртежот и сликарството.

На 17 септември (четврток) во 19 ч. во галерија ОСТЕН  ќе се отвори самостојната изложба на Стефан МЛАДЕНОВСКИ „СООЧУВАЊА“.

Во изложбата „Соочувања“ (која содржи 11 дела во комбинирана техника на платно и 1 на хартија) Младеновски не нуди директни одговори. Неговите дела се места на тивко соочување: со себе, со сопствената историја, со сликата што останува по бришењето. Всушност, со оваа своја изложба Младеновски ја продолжува својата преокупација со трагата, меморијата и границите. Линијата, потегот и повторувањето стануваат средства со кои уметникот ги испитува границите меѓу видливото и невидливото, помеѓу она што е зачувано и она што е потиснато.

Покрај графичкиот медиум, сликите на платно во оваа изложба се полето на директно соочување: со материјалот, со бојата, со потегот на сопствената рака, со она што останува откако потегот ќе се повлече. Делата не раскажуваат линеарно; тие ја откриваат приказната во слоеви, со бришења, гребења, премини и тивки отвори. Во овој дијалог, секое платно е еден чекор – од црното и тешкото, преку стихијното и нападното, до белото и смирувачкото.

Во циклусот „Соочувања“ Младеновски не се плаши да го покаже процесот: слоевите, грешките, поправките, бришењата. Секое дело е самостојна сцена, но заедно тие формираат патека – од конструкцијата на рамката и соочувањето со бариерата („Прозорец I“ и „Прозорец II“), преку експлозијата на емоцијата (платното „Без наслов“), до хаосот на мислата (хартијата „Без наслов“)… уметникот буквално не води од темнината, преку стихијата, до белината.

Тоа е патека на едно уметничко и егзистенцијално соочување: со себе, со другиот, со времето и со трагата што ја оставаме. Таа патека е сведоштво дека соочувањето не е секогаш смирено и линеарно; понекогаш тоа е бучно, разурнувачко и секогаш полно со траги. Но токму во тие траги – во тие црвени точки, црни линии и тивки бели полиња се наоѓа вистинската смисла на уметничкиот чин.

Изложбата е покана за застанување пред сопствените соочувања – пред она што нè определува, но и пред она што постојано ни се измолкнува.

За уметникот:

Стефан Младеновски е ликовен уметник чија практика се движи помеѓу графиката, цртежот и сликарството. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2020 г. е член на ДЛУМ. Досега има реализирано петнаесет самостојни изложби, учествувал на повеќе од седумдесет групни изложби во земјава и странство и е добитник на шест награди меѓу кои и наградата „Млад уметник на годината 2024“ од фондацијата Јанкуловски. Неговите претходни самостојни проекти – „Записи“, „Архива на сеќавања“, „Непредвидливи соочувања“ и „Предвидени соочувања“ – ја најавуваат изложбата „Соочувања“ како продолжување на едно интимно, но и општочовечко истражување на меморијата, трагата и присуството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс