Дигитално реставрираниот филм „Солунските атентатори“ на режисерот Жика Митровиќ вечерва премиерно ќе биде прикажан на отворањето на шестото издание на Фестивалот на филм, музика и уметност „Нем филм 2026“. Фестивалот од 10 до 15 септември ќе се одржува во Кинотеката на Македонија, а реставрираната верзија на „Солунските атентатори“ е најновиот резултат од програмата на Кинотеката за дигитална реставрација на македонски филмови, чија цел е зачувување и афирмација на националното филмско наследство.
„Солунските атентатори“ е снимен во 1961 година и е инспириран од дејствувањето на македонските гемиџии во Солун во 1903 година. Филмот се вбројува меѓу значајните остварувања на југословенската кинематографија. На Фестивалот во Пула филмот ја освоил наградата на публиката „Јелен“, додека режисерот Жика Митровиќ бил награден за успешно негување на акциониот жанр.
По проекцијата, за процесот на дигиталната реставрација ќе зборува деканот на Факултетот за драмски уметности, Владимир Павловски, а специјален гостин ќе биде филмскиот критичар Дејан Дабиќ.
Од Бастер Китон до Алис Ги
Програмата на „Нем филм 2026“ покрај дигитално реставрирани дела од македонското филмско наследство носи и филмски класици и неми филмови проследени со музика во живо. На програмата е „Една недела“ на Бастер Китон, додека публиката ќе може да го погледне и „Четиристотини трикови на ѓаволот“ на Жорж Мелиес. Двата неми филма ќе бидат проследени со музика во живо во изведба на ансамблот „Консонанс“, составен од музичари од Македонската филхармонија.
Фестивалот носи и циклус филмови на Алис Ги, француската режисерка и пионерка на светската кинематографија, со музичка придружба на Андреј Татарчевски.
Во програмата е вклучена и ретроспективата на Берлинскиот филмски фестивал „Загубени во 1990-тите“, реализирана во соработка со Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка. Посебен дел е посветен и на големиот шпански режисер Луис Буњуел, со проекциите на „Виридијана“ и „Ангелот истребувач“.
Фестивалот ќе претстави и осум дигитално реставрирани македонски анимирани кратки филмови: „Ембрио бр. М“, „Адам 5 до 12“, „Граница“, „Буквар за писмени“, „Рака“, „Отпор“, „Homo Dogmaticus“ и „Црно знаме“. Со премиерната проекција на „Солунските атентатори“, „Нем филм 2026“ ја отвора програмата со спој на филмското наследство, дигиталната реставрација, немиот филм и музиката во живо.