Социјалните мрежи најсилно ги погодуваат девојчињата, предупредува нов глобален извештај

Нов глобален извештај предводен од Универзитетот Оксфорд покажува дека честото користење социјални мрежи може да ја намали благосостојбата кај младите, особено кај девојчињата.

Честото користење на социјалните мрежи може негативно да влијае врз благосостојбата на младите, особено кај девојчињата, покажува најновиот Извештај за среќа во светски рамки, подготвен од глобален тим истражувачи предводени од Универзитетот Оксфорд.

Според анализата, младите кои поминуваат повеќе од пет часа дневно на социјални мрежи почесто пријавуваат пониско животно задоволство и полоша психолошка состојба.

Истражувачите посочуваат дека проблемот не е само во времето поминато онлајн, туку и во начинот на користење на платформите. Како особено штетно се издвојува пасивното консумирање содржини и гледањето видеа и објави што ги наметнуваат алгоритмите, наместо вистинска комуникација меѓу луѓето.

Професорот Јан-Емануел де Нев од Универзитетот Оксфорд оценува дека е потребно повторно да се врати „социјалното“ во социјалните мрежи.

Во извештајот се наведува дека во последната деценија значително опаднала животната сатисфакција кај младите во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Во многу други делови од светот, пак, таа останала стабилна или бележела раст.

Паралелно со овие наоди, сè повеќе држави размислуваат за ограничување на пристапот на деца до социјалните мрежи. Австралија веќе воведе забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години, а слични мерки се разгледуваат и во неколку европски земји.

Британската Академија на медицински кралски колеџи дополнително предупредува дека влијанието на социјалните мрежи врз младите станува сериозен здравствен проблем. Како последици се наведуваат анксиозност, нарушен сон, психолошки притисок и изложеност на штетна содржина.

Извештајот повторно ја отвора дебатата за тоа како младите ги користат дигиталните платформи и дали социјалните мрежи, наместо простор за поврзување, сè почесто стануваат извор на споредување, притисок и изолација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс