Трн: Зошто избра современ танц, од љубов и страст или затоа што е исплатливо?
Елена: Зошто танц е доста интересно и отворено прашање. Талентот е доста значителен фактор, но без работа и негување на истиот се намалува неговата вредност, затоа самата практика игра огромна улога за потенцијално искористување на овој фактор. Лично не сум во танцот бидејќи е исплатливо од самиот факт дека сум почнала од своја рана возраст кога се било од љубов и страст. Моментот на монетизација дошол подоцна кога сум научила и развилила вештини од други сфери покрај уметноста.
Трн: Каде може да ги види публиката твоите перформанси?
Елена: Во Скопје имавме настапи секој петок во Intermezzo Music Bar како дел од проектот We Speak Music, каде правевме современ концепт приспособен за таа атмосфера, што соработувавме со талентирани интернационални артисти. Јас сум благодарна што развив квалитетни врски и контакти со големи таленти и пријатели. Сме имале и настапи, снимања на видеа и музички спотови, како и реклами за брендови, тука, а и надвор од државата.

Трн: Колку е важно играта да се прилагоди на публиката, сигурно има разлика во настапите тука и оние надвор?
Елена: Има огромна разлика во настапите тука и надвор, почнувајќи од менталитетот, организацијата, видот на самиот проект и до начинот на одвивање на нештата, па се до публиката. Секој настап е секогаш различен, никогаш ист. Прилагодувањето на публиката е по наша желба и е променливо.
Трн: Кој стил го практикуваш и на кои ритмови си најсигурна во изведбата?
Елена: Стилот со кој што се занимавам е современ танц. Моментално освртот е на елементот на импровизација, структуирана импровизација и контакт импровизација со фокус на поддршки. Сакам да ги работам сите елементи и техники во современиот танц. Омилени ритмови немам, бидејќи не се водам според музиката. Креирам во тишина. Моите движења можат да се зависни од самата музика, но условно кажано не се потпирам на ритмот како појдовна точка.
Трн: Кога некој те провоцира од публика како се справуваш?
Елена: Не ми се случило да имам никакви провокации од публиката, ниту да ми дофрлаат безобразни поединци. Речиси секогаш настапите се одвиваат на културно ниво/ се било на ниво, а тоа значи поддршка, аплауз, убави комплименти, како и конструктивна критика.
Трн: Дали танцот е само хоби или го сметаш за професија?
Елена: Танцувам од 10 годишна возраст и веќе професионално се занимавам со тоа, благодарение на знаењето од моите професори, танчари и големи уметници.

Трн: Дали имаш настапи само во клубови или танцуваш и на приватни забави?
Елена: Локацијата се менува во зависност од тоа дали се работи на претстава, перформанс, настан, настап, или пак улога во некое снимање. Секогаш различно.
Трн: Колкава е границата од танцот до стриптизот?
Елена: Веројатно и стриптизот е некој вид на танц, но е далеку од тоа кое ние го учиме, работиме и правиме. Во театар за време на претстава границите се широки и претпочитам отварање на свест, на табу и политички некоректни теми, како идеологии и исмејување. Може и стриптиз да се види на претстава преку изразно средство иронија, ха ха ха… Со други зборови, се си има свое и затоа е потребен добар вкус и доза на едукација.

Трн: Дали следиш одреден дрес код и која варијанта најмногу „пали“?
Елена: Облеката е секогаш различна и е фасцинантно колку тоа може да придонесе и смени за самата улога.
Трн: Колку и да си облечена сепак стапалата остануваат боси…
Елена: Во современиот танц најчесто се танцува бос, односно со голо стапало. Доста често користиме и чорапи за време на пробите како и самите настапи. Многу е важна техниката и претставата на која што се работи па од таму започнува се. Како што кажав од голо стапало, балетанки, шпиц патики, џезерки, чевли за аргентинско танго итн…
Трн: Имаш конкуренција?
Елена: Професијата современ танчар не е толку широка, иако танцот како уметност со неговите подгрупи и стилови е повеќе застапен.

Трн: Настапите траат кратко, но публиката е спремна да плати влезница…
Елена: Еден настап трае од три минути… па до петнаесетина минути, грубо кажано. Додека една претстава трае од 40 минути па нагоре. Публиката е различна зависно од проектот. Посериозна публика има на претставите.
Трн: Каде е иднината на танчерката Елена?
Елена: Јас сум работела на свои 15 години со млади и деца и би работела во иднина пак. Во ова време сега сакам да творам и да се изразувам, а тоа ќе трае додека ми издржи телото. Во блиска иднина се гледам во танцов театар надвор од државава.