Search

Со љубов од Англија

Прво што сакам да расчистиме е дека ова не е колумна за да се пофалам дека сум во Англија, ова е колумна за да го споделам мојот впечаток досега за разликите кои ги воочив овде споредено со нас. Логично е дека нема да имам време да напишам за се што овде функционира како што треба затоа што за жал кај нас има толку многу работи што не функционираат. Ќе започнам од она што мене прво ми фати око.

Нема улични кучиња и мачки!

Ова не е земја каде ќе видите бездомни животни како гладно и исплашено шетаат по улиците. Левелот на свесност за животните е до толку голем што ако зборуваме за емпатија и дали англичаните се ладни луѓе без емоции, муабетот паѓа во вода. Наградата за луѓе без осет ја земаме ние, бар кога станува збор за животните. 

Англичаните не се ладен народ.

Навикнати сме да слушаме како Англија е земја со народ кој не покажува емоции и како тие се „ладни“ луѓе. Спротивно на тоа, луѓето овде шетаат насмеани на улица, те поздравуваат иако не те познаваат и несебично одговараат на секое прашање кое го имаме. Ако тоа е „ладно’, тогаш како народ, за нив ние сме Северниот пол.

Да ти е мерак да се возиш со јавен превоз.

Ако во Македонија јавниот превоз е кошмар и терор, овде буквално да ти е мерак да го користиш. Искрено се чудам дали некој од странство би се снашол со јавниот превоз кај нас кога нема ниту мапа кој автобус кај вози или на која постројка е застанат. „Ама Ивана пишува и кај нас во автобусите која постројка е!“ – Кога ќе се наполни 5ка ако било кој може нешто да прочита дур се бори за воздух, јас рака ќе му подадам. Златен пехар за оние кои во Македонија со воз ќе стигнат било каде на време, без притоа возот да не се расипе.

Излегуваат да се журкаат, не да бидат видени.

Искрено овде малку ми е и непријатно кога ќе излезам надвор цела скоцкана и дотерана затоа што најголемиот процент се излезени лабаво по патичиња. Овде никој не излегува за да биде „виден“ и за да седи на мобилниот телефон сликајќи се и снимајќи се за Инстаграм. Овде луѓето играат и се забавуваат. Девојките не се здрвени како порцелански кукли, исплашени да мрднат за да не им се растури шминката или косата. Нашите може се убавици, ама на моменти човек ќе се запраша да не се направени од восок од што цела вечер ниту ќе се насмее ниту ќе мрдне.

Единствено што можам да кажам е дека ние сме господа за нив кога пиеме алкохол. Овде пијат и паѓаат по улици, но веројатно немаат доволно тренинг затоа што излегуваат само за викенди и за работни денови се дома, свесни дека утре е работен ден. Зборувајте ми за тоа како ние сме вреден народ кога место не можеш да најдеш во кафич во 12 на пладне, секој работен ден.

Божиќ е време кога ништо не работи.

Од ресторани, кафе барови, продавници и се останато за време на католичкиот Божиќ овде беше затворено. Газдите не очекуваат од своите вработени да завршат со вечерата во 5 попладне за да бидат на работа во 6 и кафичот да работи. Овде никој не се пожали што за Божиќ не може да дреме во трговски до 10 навечер. Мислам дека се свесни оти секој сака да биде со семејството за време на празниците. Да, може немаат толку неработни денови како нас (искрено не знам и дали некоја земја има толку неработни денови во годината) ама кога не се работи, буквално не се работи и се одмара.

Англија е убава, скапа, но убава. Овде врне дожд почесто, ама и кога врне немаш чувство дека е катаклизма. Сообраќајот и понатаму фукционира нормално и луѓето се насмеани. Е сега немаат елка украсена до пола, ама па не може да биде се совршено, нели. Среќни празници на сите читатели на Трн.мк. Се читаме и во оваа, 2024та.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни