Search

Со критика кон насилството, претставата „Тунел“ освои Гран-при на 60. издание на ДАФ

Шеесетото издание на Драмски аматерски фестивал под мотото „Театарот е жив“ заврши вчера со прогласување на најдобрите во неколку категории.

Гран-при за најдобра театарска претстава доби „Тунел“ на театарската група „Годо“ од Кочани, а во режија на Кристина Атанасова Арсова. Поттикнати од актуелните случувања и секаков вид насилство, физичко, емоционално, врсничко и семејно, учесниците во „Тунел“ се обидоа да ги прикажат тие конфликти преку уверлива драмска игра и кореографија, со критика кон современието.

Наградата за главна женска улога ѝ припадна на Анџелија Мирковиќ, за ликот на Наталија Стефановна во едночинката „Просидба“ од Чехов, а во продукција на Академското позориште од Ниш, Србија. Даниел Гочевски, кој го толкуваше ликот на Драган Тарабунов во претставата „Драги уметници“ на Театарот „Чекори“ од Скопје, ја доби наградата за главна машка улога.

Претставата „Умрежени“ на КУД „Бранко Радичевиќ“ од Одбор „Просвета“ – Почетин, Хрватска доби награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, а во образложението беше нагласено дека таа вклучува лица со посебни потреби и претставува коментар на актуелната состојба во која децата кои се жртви на виртуелната реалност.

Во категоријата најдобра претстава за деца и младинци наградена е изведбата на драмскиот текст „Црвенкапа“ на Драмското студио „Летечка театарска група“ од Тетово, а во режија на Зоран Јовановски. Наградите за најдобра споредна женска и машка улога ја добија Тамара Стојановска и Никола Кузмановски од театарот „Чекори“ од Скопје.

Годинава ДАФ покрај натпреварувачката програма, имаше и неколку придружни содржини, како и гостувања на Народниот театар од Велес и на театарска група од Истанбул, Турција.

Организацијата на фестивалот беше со финансиска поддршка од Министерството за култура, од Општина Кочани и со донации од стопанските претпријатија во регионот.

Најново

Последни колумни