Со концерт во Националната опера и балет синоќа свечено беше отворено јубилејното 25. издание на „Оффест“, фестивалот на музиката од светот, кој до 6 јуни ќе донесе осум концерти и филмска проекција во Скопје.
Фестивалската програма започна со настапот на Ласана Диабате, виртуоз на балафон и дел од проектот „Гитарски разговори“ (Guitari Baro), кој ги обединува музичарите Гаусоу Кујате, Керфала Диабате и Ласана Диабате. Иако останатите двајца музичари не допатуваа во Скопје, публиката имаше можност да ужива во мајсторството на Диабате и музиката од нивниот деби албум „Guitari Baro“.
Вечерта продолжи со настапот на јужноафриканската група BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness), добро позната на оффестовската публика. Бендот се врати на фестивалот по две години пауза, промовирајќи го својот петти студиски албум „The Road is Never Easy“. Познати по експлозивната комбинација на африкански ритми, психоделични грувови, хип-хоп и панк-рок енергија, членовите на BCUC и по повеќе од две децении на сцената продолжуваат да ја носат истата бунтовничка и активистичка порака што ги направи препознатливи низ светот.
Според директорот на „Скопскиот џез фестивал“ и организатор на „Оффест“, Оливер Белопета, изборот токму BCUC да настапат на јубилејното издание бил инспириран од нивниот еден од највпечатливите концерти во историјата на фестивалот, како и од неодамнешното објавување на нивниот нов албум.
Овогодинешното издание има силен фокус на Африка и ќе претстави музичари од 11 африкански земји. Публиката ќе има можност да слушне различни музички традиции и современи изрази од западна, централна, источна и јужна Африка, прикажувајќи ја разновидноста на еден од најбогатите музички континенти. Фестивалот ќе се одржува во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар, а покрај концертите ќе биде прикажан и музичкиот документарец „Елис и Том“.