Од Националниот парк Пелистер соопштија дека ваквите временски изненадувања го докажуваат епитетот „крал на планините” што планината го носи во Македонија.
Среде лето, на највисоките делови на Пелистер падна снег. Фотографиите, споделени од Националниот парк Пелистер, а кои се дело на Оливер Тарасовски, ја доловуваат ретката летна снежна покривка на планината.
Од Националниот парк Пелистер, изненадувањето со снег среде лето го поврзаа со карактерот на планината. „Снег на Пелистер и во лето. Затоа Пелистер е кралот на планините во Македонија. Истовремено е убав и моќен, но и не секогаш предвидлив во своите намери со кои сака да ни покаже дека мора да го почитуваме”, порачаа од Националниот парк.
Од паркот додадоа дека временските услови на високите планини можат нагло да се променат, без разлика на годишното време.
Националниот парк упати благодарност до вработените во пунктот на Националната радиодифузија на врв Пелистер. Тие редовно ги известуваат за временските промени и природните појави на Баба Планина, вклучувајќи ги и вакви ретки летни снежни епизоди.