Смртоносен топлотен бран во Европа: Над 14.000 луѓе починале за само две недели

Рекордниот топлотен бран во Европа во јуни однел најмалку 14.000 животи. Германија, Франција и Белгија се меѓу најпогодените земји, покажуваат анализите на Politico и EuroMOMO.

Најмалку 14.000 луѓе починале како последица на рекордниот топлотен бран што ја зафати Западна Европа од 18 јуни до 1 јули, покажува анализа на Politico, базирана на официјални податоци и процени на научници од шест европски земји. Според анализата, екстремните температури, кои во некои региони надминаа 40 Целзиусови степени, го направија овој топлотен бран една од најсмртоносните климатски катастрофи во Европа во последните години.

Најголем број дополнителни смртни случаи се регистрирани во Германија – околу 6.800, следуваат Франција со повеќе од 2.000, Обединетото Кралство со околу 2.200, Белгија со 1.747, Шпанија со 812 и Холандија со 480. Дополнително, европскиот систем за следење на смртноста EuroMOMO објави дека само во периодот од 22 до 28 јуни во 27 европски земји биле регистрирани 10.650 дополнителни смртни случаи, бројка што може да се ревидира со пристигнување на нови податоци.

Експертите предупредуваат дека високите температури не предизвикуваат смрт само преку топлотен удар, туку и со влошување на хроничните заболувања, особено кај постарите лица и ранливите категории. Научниците истакнуваат дека ваквите екстремни температури би биле речиси невозможни без климатските промени предизвикани од човековата активност и согорувањето на фосилните горива.

Најпогодени биле Франција, Белгија и Германија, каде што здравствените институции забележале драматичен пораст на смртноста во текот на најжешките денови. Во Белгија, властите соопштија дека ова е најсмртоносниот топлотен бран откако се води евиденција, додека британски научници проценуваат дека 42 проценти од смртните случаи биле директно поврзани со порастот на температурите предизвикан од климатските промени.

„Овие рекордни топлотни бранови уште еднаш покажуваат дека климатската криза не е закана од иднината, туку реалност што веќе ги загрозува животите на луѓето“, изјави британскиот министер за енергетика Ед Милибанд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс