Шмит си заминува од БиХ, Додик слави: „Република Српска е неуништлива“

Германскиот дипломат ќе остане на функцијата до избор на наследник, додека неговото заминување отвора нова политичка неизвесност во БиХ.

Кристијан Шмит поднесе оставка од функцијата висок претставник во Босна и Херцеговина, по речиси пет години на чело на Канцеларијата на високиот претставник. Германскиот дипломат, според регионалните медиуми, веќе го информирал Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот и побарал да почне процедура за избор на негов наследник.

Шмит, сепак, нема веднаш да ја напушти функцијата. Тој треба да остане на позицијата до изборот на нов висок претставник, во период кога БиХ повторно е во длабока политичка криза, со блокади на институциите, сецесионистички пораки од Република Српска и отворено оспорување на неговиот легитимитет од страна на Милорад Додик и властите во Бања Лука.

Оставката доаѓа во чувствителен момент, додека Шмит е во Њујорк, каде што треба да поднесе редовен извештај пред Советот за безбедност на ОН. Во претходните настапи тој предупредуваше на политики што ја поткопуваат државноста на БиХ, особено посочувајќи ги потезите на раководството на Република Српска. Русија, како и властите во РС, со години тврди дека Шмит нема легитимитет бидејќи неговото именување не било потврдено од Советот за безбедност на ОН.

Милорад Додик, кој со години е во директен судир со Шмит, неговото заминување го претстави како политичка победа. Тој оцени дека Шмит ја напушта БиХ „како што дошол“, без легитимитет и без меѓународно право на своја страна, додавајќи дека неговиот мандат, според него, само покажал дека „Република Српска е неуништлива“.

Заминувањето на Шмит отвора ново прашање за иднината на меѓународното присуство во БиХ. Високиот претставник има клучна улога во надзорот на Дејтонскиот мировен договор, но неговата позиција со години е предмет на политички судир меѓу западните земји, Русија и лидерите во Република Српска. Во таква атмосфера, изборот на наследник може да стане уште една точка на притисок врз и онака кревката политичка рамнотежа во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни