Крај за Шмит, но не и за ОХР: меѓународниот надзор во БиХ продолжува

Советот за безбедност расправаше за иднината на ОХР, додека Шмит предупреди на институционални блокади и засилена сецесионистичка реторика.

Оставката на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, ја отвори дебатата за иднината на Канцеларијата на високиот претставник, но не значи и нејзино автоматско затворање. Шмит ќе остане на функцијата додека не биде избран негов наследник, а прашањето за идниот мандат на ОХР повторно се најде пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

На седницата Шмит предупреди дека Босна и Херцеговина се соочува со сериозни политички блокади, слабеење на државните институции и засилена сецесионистичка реторика, особено од Република Српска. Тој оцени дека овие процеси ја загрозуваат стабилноста на земјата и го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор, врз кој се темели поствоениот поредок во БиХ.

САД, пак, најавуваат дека идниот меѓународен претставник треба да има поограничена улога, што укажува на можен нов пристап кон меѓународниот надзор во БиХ. Вашингтон порача дека локалните политички лидери треба да преземат поголема одговорност, но европските партнери предупредуваат дека земјата не смее да се остави без стабилизирачки механизам во момент на растечки тензии.

Канцеларијата на високиот претставник беше воспоставена по Дејтонскиот договор од 1995 година, со задача да ја надгледува цивилната имплементација на мировниот договор. Високиот претставник има широки овластувања, меѓу кои и можност да наметнува или поништува закони и да разрешува функционери, што со години е предмет на спор меѓу меѓународната заедница и дел од политичките актери во БиХ.

Иако заминувањето на Шмит отвора простор за нова политичка фаза, ОХР засега останува дел од безбедносната архитектура на БиХ. Клучното прашање сега е не дали меѓународниот надзор веднаш ќе заврши, туку каква улога ќе има неговиот наследник во земја во која институционалните блокади и етничките поделби повторно стануваат централна политичка закана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс