Смилево повторно зборува: почнува „Смилевски конгрес 2026“ со уметност и став

– Смилевски конгрес не е само фестивал. Тој е став, дека меморијата не смее да се сведе на декор. Дека уметноста не припаѓа на логиката на производството, туку на поредокот на откривањето


Во селото Смилево, Демир Хисар, денеска започнува дводневната културна манифестација „Смилевски конгрес 2026“, која оваа година се поставува како простор за преиспитување на улогата на уметноста и заедницата во современото општество.

Организаторите потенцираат дека настанот не е носталгично навраќање кон минатото, туку обид културната меморија да се активира како алатка за ново разбирање на заедништвото. Во време на, како што велат, расцепканост и површна комуникација, акцентот се става на уметноста како процес што настанува преку однос, соработка и судир на идеи.

Програмата вклучува изложби во процес, уметнички инсталации и музички настапи. Во фокусот е колективната инсталација „Песната на славејот“, како и настапите на Чалгија саунд систем, „Brass Brothers“, Летечки Пекинезери, Мојра и Дејание.

– Смилевски конгрес не е само фестивал. Тој е став, дека меморијата не смее да се сведе на декор. Дека уметноста не припаѓа на логиката на производството, туку на поредокот на откривањето. И дека заедницата, ако навистина постои, мора повторно да се создава – велат организаторите.

Во рамки на манифестацијата ќе бидат реализирани и изложбите „Интуитивни клепања“ и „Последните селани“, со учество на Емилија Сандиќ, Сашо Алушевски и Предраг Узелац.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни