Словенечката телевизија оваа година нема да го емитува Евросонг. Наместо натпреварот, во термините на полуфиналето и финалето ќе им понуди на гледачите специјална тематска програма „Гласови на Палестина”, која ќе се емитува од 10 до 20 мај, пренесува Анадолија. Циклусот „Гласови на Палестина” ќе емитува филмови, документарци, разговорни емисии и анализи.
Од РТВ Словенија соопштија дека со овој програмски циклус продолжуваат да ја остваруваат својата јавна мисија, нудејќи им на гледачите „содржини кои поттикнуваат разбирање, дијалог и критичко размислување за современите глобални прашања”.
Бојкот на натпреварот поради учеството на Израел
Иако од Телевизија Словенија не пристигна официјална изјава за откажување на преносот, од програмската шема е јасно дека Евросонг нема да се емитува бидејќи термините традиционално резервирани за полуфиналето и финалето се пополнети со содржини посветени на Палестина. Одлуката дојде откако словенечкиот јавен сервис уште во септември 2025 година се повлече од самиот натпревар поради учеството на Израел.
Европската радиодифузна унија (EBU), организатор на настанот, на почетокот на декември минатата година одлучи дека Израел може да учествува на натпреварот, и покрај барањата на неколку јавни сервиси за гласање по тоа прашање.
Таа одлука наиде на незадоволство и во други земји, па освен Словенија, учеството го откажаа и Шпанија, Ирска, Холандија и Исланд. Како причина го наведоа учеството на Израел и состојбата во Газа, каде што за повеќе од две години војна се убиени над 70.000 Палестинци, а енклавата е сорамнета со земја.
На ситуацијата реагираше и швајцарскиот победник на Евросонг 2024, Немо Метлер, кој најави дека ќе го врати трофејот на EBU. Соопшти дека упорното вклучување на Израел на натпреварот е во спротивност со вредностите за кои тој декларативно се залага.