Оваа година, „МакеДокс“ се фокусира на современиот словенечки документарен филм преку селекција на филмови и професионални активности реализирани во соработка со Словенечкиот филмски центар.
Селекцијата обединува три впечатливи остварувања:
„Не заборавај ме“ (Forget Me Not) на Ања Медвед, „Кога ќе излезам“ (When I Get Out) на Метод Певец и регионалната копродукција „Планина“ (To Hold a Mountain) на Билјана Туторов и Петар Гломазиќ. Различни според стилот и авторскиот пристап, овие филмови ги откриваат богатата разновидност на словенечкиот документарен филм и неговата отвореност за дијалог и соработка во регионот. Соработката продолжува и во рамките на MakeCoProDox, каде што словенечки автори и продуценти стануваат дел од индустриската програма на фестивалот.
На пичинг-форумот ќе биде претставен словенечки документарен проект, меѓународните учесници ќе се запознаат со „Документарница“ (Dokumentarnica) – словенечката програма за развој на документарни филмови, а делегација на словенечки продуценти ќе учествува на состаноците, презентациите и активностите за вмрежување во рамките на форумот.
Покрај делот со програмската презентација, оваа соработка ги слави блиските врски меѓу словенечката и македонската документарна заедница, истовремено отворајќи нови можности за размена на искуства, копродукции и идни партнерства.