Словенците денеска гласаат на четири референдуми: На маса и укинувањето на РТВ-таксата

Граѓаните на Словенија одлучуваат за иднината на јавниот радиодифузен сервис, социјалната помош, правото на глас на странците на локалните избори и законските правила за парламентарни истраги. Најголемите полемики ги предизвикуваат измените за парламентарните истраги, за кои критичарите предупредуваат дека може да овозможат политички злоупотреби.

Избирачките места во Словенија денеска се отворени од 7 до 19 часот, а граѓаните гласаат на четири референдумски прашања. Меѓу нив е и укинувањето на задолжителната РТВ-такса за јавниот радиодифузен сервис Радио-телевизија Словенија, но и прашања што се однесуваат на социјалната помош, правото на глас на локалните избори и законските правила за парламентарни истраги. Првите резултати се очекуваат по 20:30 часот, според словенечката новинска агенција СТА.

Гласачите можат да се изјаснат за едно, повеќе или за сите четири прашања, но избирачкото место можат да го посетат само еднаш. Од четирите гласања, особено внимание привлекува законодавниот референдум за измените на Законот за парламентарни истраги, усвоени од словенечкиот парламент на 26 мај.

Спорниот закон за парламентарни истраги

Организациите на граѓанското општество, со поддршка од опозицијата, собраа 40.000 потписи за распишување референдум против измените. Тие сметаат дека новите правила ја намалуваат правната заштита на граѓаните и им даваат преголеми овластувања на политичарите, вклучително и можност за навлегување во приватноста. Критичарите предупредуваат дека тоа би можело да ги претвори парламентарните истраги во инструмент за политички пресметки.

Загриженост изразија и група правни експерти од правните факултети во Љубљана и Марибор. Според нив, измените ги намалуваат правните гаранции за лицата што се предмет на истрага, но и за граѓаните и компаниите чии лични или деловни податоци би можеле да бидат откриени во текот на постапките.

Како особено спорни ги посочуваат ограничувањето на можноста за покренување уставна проверка и отстранувањето на механизмите што треба да спречат пристрасност кај членовите на истражните комисии. За законот да биде отфрлен, мнозинството од гласачите што учествуваат на референдумот мора да гласаат против него, а бројот на тие гласови мора да достигне најмалку една петтина од вкупното гласачко тело.

Дали ќе се укине задолжителната РТВ-такса?

На еден од трите консултативни референдуми, граѓаните одлучуваат дали треба да се укине задолжителниот надоместок за јавниот радиодифузен сервис Радио-телевизија Словенија. Прашањето го отвора поширокиот спор за начинот на финансирање на јавните медиуми и за моделот што треба да овозможи нивно функционирање.

Второто консултативно прашање се однесува на социјалната помош. Гласачите се изјаснуваат дали паричната помош за работоспособните лица кои немаат објективни пречки за вработување треба да биде условена со извршување општествено корисна работа.

Третото прашање е поврзано со правото на глас на локалните избори. Предложената промена предвидува тоа право да биде ограничено на словенечките државјани и државјаните на другите земји-членки на Европската Унија, со што би биле исклучени државјаните на земји што не се членки на ЕУ.

За разлика од законодавниот референдум за парламентарните истраги, резултатите од трите консултативни референдуми не се правно обврзувачки, туку претставуваат насока за парламентот при носењето одлуки.

Над 75.000 граѓани гласале предвреме

Според податоците на словенечката Државна изборна комисија, предвременото гласање, организирано од вторник до четврток, го искористиле 75.401 гласач, односно 4,44 отсто од вкупното гласачко тело.

По затворањето на избирачките места, прво ќе се бројат гласовите од законодавниот референдум за измените на Законот за парламентарни истраги. Потоа ќе следува утврдувањето на резултатите од трите консултативни референдуми – за социјалната помош, правото на глас на локалните избори и укинувањето

е-Трн да боцка во твојот инбокс