Слободата на медиумите под притисок: 75% од земјите со влошени услови за новинарство

Глобално влошување на слободата на печатот – според извештајот за 2026, новинарите се соочуваат со притисоци, закани и авторитарни политики во три од четири земји.

Слободата на печатот во светот бележи сериозен пад, а авторитарните тенденции се во пораст, покажува најновиот Индекс на слобода на медиумите за 2026 година на организацијата „Репортери без граници“. Според извештајот, дури 75% од земјите се класифицирани како „проблематични“ или полоши кога станува збор за условите во кои работат новинарите. Во повеќе од половина од државите, ситуацијата е оценета како „тешка“ или „многу сериозна“.

Иако Европа и понатаму ги има највисоко рангираните земји како Норвешка, Естонија, Холандија и Данска, разликите во рамки на континентот се продлабочуваат. Источна и Јужна Европа се соочуваат со поголеми предизвици, додека северот и западот задржуваат релативно стабилни услови.

Посебно загрижувачки е трендот на политички притисоци врз медиумите. Во земји како Словачка и Аргентина, реториката на властите кон новинарите станува сè поагресивна, додека во САД, нападите врз медиумите се дел од политичката стратегија уште од 2016 година.

Во делови од Африка и Азија, новинарството останува високо ризична професија, често изложена на насилство, цензура и институционален притисок. Во конфликтните зони, како Газа, бројот на загинати новинари дополнително ја нагласува опасноста.

Експертите предупредуваат дека покрај политичките закани, значајна улога играат и економските притисоци, како и таргетирањето на новинарите врз основа на пол, раса или други лични карактеристики. Сепак, постојат и позитивни примери. Јужноафриканската Република успева да го задржи својот рејтинг благодарение на силно граѓанско општество и активни новинарски мрежи.

Заклучокот е јасен: слободата на печатот не е загарантирана. Таа бара постојана заштита, солидарност и отпор особено во време кога глобалниот тренд оди во спротивна насока.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни