Search

Слободанка Илиевска: Експериментирање во кујна, кафе и генерално чистење

Во недела наутро:

Недела од секогаш ми е баш убав и фин ден, од причина што токму тој ден ми е најмногу посветен на домот и семејството. Секако дека и другите денови се за тоа, но работните обврски си го наметнуваат своето. Недела наутро уживам со првото утринско кафе со музика. Најчесто го пијам сама, синот и сопругот сакаат малку повеќе да си поспијат. Често знам, ако имам повеќе време, да читам книга.

Неделен ручек:

Неделниот ручек е нешто посебно за мене, затоа што имам време да се посветам на истиот без да брзам. Понекогаш неделата е ден за експериментирање во кујна и подготовка на нешто ново. Често знам да си побарам нов рецепт на интернет, а уживам да готвам на раат, приготвувајќи нешто интересно за семејството. Не често практикувам да јадам надвор, најубаво ми е дома. Секако додека беше мајка ми ги обожавав нејзините ручеци, но сега кога ја нема ми остана тетка ми која исто така е врвен мајстор во кујна. Среќен е тој што јадел од тоа што таа го готви. Се трудам да применам од тоа што сум научила од мајка ми и неа. Се надевам дека готвам на некоја златна средина од двете хаха.

Неделно попладне:

Неделното попладне е резервирано за комплетно релаксирање со кафе кое најчесто го пијам со блиски пријатели. Сепак често знам тоа да го правам и дома во друштво на мојот син Марко. Неделното попладне е резервирано за моето се, мојот Марко. Разговараме на разни теми околу училиштето, но често го советувам и како да си ја средува собата. Но како и да е, мама е тука.

Неделно опуштање:

Неделно опуштање за мене е кога ќе фатам да чистам се хахах. Најопуштена сум кога знам дека во домот се е на место, чисто е, а јас си уживам пред телевизор со добар филм. Ако имам и кафе тоа е повеќе од неделно опуштање.

Недела навечер:

Недела вечер е време кога веќе се „кројат“ планови за од утре т.е подготовки за утрешните работни обврски. Се е лесно и убаво кога си на работно место со многу прекрасни и инспиративни луѓе.

Недела во детството:

Па да бидам искрена од секогаш сум ја сакала неделата како ден. Недела е денот кој ме потсетува на село, посета на баба и дедо… Недела е денот кој ме потсетува на без број детски игри, радост и слобода.

А утре што е понеделник?

Секој ден си има своја приказна. Понеделникот иако е исполнет со работни обврски ако ја имате работата што ја сакате се е лесно, иако стартува нова работна недела.

Најново

Последни колумни