Во сабота, на 25 април 2026 година, со почеток во 21:30 часот, во Македонски Паб „ЅЕ“ во Скопје ќе се одржи концерт на српскиот алтернативен рок бенд Sky Hook и македонскиот состав Дисконектор.
Sky Hook е алтернативен рок бенд формиран во Ниш во 2023 година, создаден од потребата да прави гласна, искрена и емотивна гитарска музика. Иако постои малку повеќе од една година, бендот веќе успеал да изгради автентичен израз и да го привлече вниманието на публиката што и понатаму верува во моќта на гласните појачала и настапите во живо.
Составот на бендот го сочинуваат Давид Живиќ на вокал, Алекса Марковиќ на гитара, Огњен Живиќ на бас гитара и Михајло Стојановиќ на тапани.
Целата досегашна енергија на Sky Hook е собрана во нивниот деби албум „Gde ptice lete“, издаден со заеднички напори на Pop Depression и Green Hat, издавачки куќи кои ја поддржуваат регионалната алтернативна сцена. Според најавата, звукот на албумот е жив и гласен, со јасна намера да остане доследен на емоцијата што ја носи.
Концертот во Скопје е најавен како можност македонската публика да го почувствува овој материјал во полна сила на сцена. Влезниците чинат 300 денари.
Како локална поддршка ќе настапи Дисконектор, бенд опишан како млада битолско-прилепско-скопска организација за денс-пост-панк психоделија. Составот го сочинуваат Горазд Христовски на бас, Сергеј Калеников на гитара и пратечки вокали, Бојан Таневски на гитара и вокал и Благојче Ацески на тапани.