Скулптурите на Жарко Башески одат во Музејот на современа уметност во Белград

Изложбата „Корпореалност“ носи монументални хиперреалистични дела во соработка меѓу двете национални институции.
Фото: Станко Неделковски

Скулптурите на Жарко Башески одат во белградскиот Музеј на современа уметност, каде што на 2 октомври во 18 часот ќе биде отворена неговата самостојна изложба насловена „Корпореалност“. Македонскиот вајар и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје ќе се претстави пред публиката во Србија преку соработка меѓу двете национални установи, со поставка сместена во приземјето на музејот и во Салата Протиќ.

Поставката претставува заеднички проект на Музејот на современа уметност во Белград и Националната галерија на Северна Македонија од Скопје. Кураторки на изложбата се Злата Вучетиќ од белградскиот музеј и Маја Крстевска од македонската Национална галерија.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста повеќе од еден месец, односно сè до 9 ноември 2026 година.

Поставката „Корпореалност“ го прикажува творештвото на Башески преку дела со монументални димензии и прецизна хиперреалистична изведба. Авторот низ овие скулптури отвора директно истражување на човечкото тело, физичкото присуство и човековото искуство.

Башески ќе престојува во Белград од 27 септември до 4 октомври, период во кој се предвидени средби и разговори со медиумите околу концепцијата на делата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс