Скопските пожарникари заминаа да помогнат во Мариово по барање на ДЗС

Скопските пожарникари со конвој возила заминаа за Мариово, каде што се приклучуваат во гаснењето на еден од најголемите и најризичните пожари во државата.

Тимовите од Противпожарната бригада на Град Скопје се упатија на терен по официјалното барање од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, за итно засилување на силните противпожарни сили на теренот.

Противпожарната бригада на Град Скопје упати екипи и возила кон регионот на Мариово, каде што огнената стихија директно загрозува цели населени места, шуми и домови. Оваа интервенција доаѓа по барањето за помош од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, со цел да се стави под контрола критичната ситуација на теренот.

Пожарникарите од главниот град се приклучуваат кон локалните сили, доброволците и сите служби кои веќе неколку дена се борат со огнот во овој тешко пристапен регион.

Пожарот во Мариово се смета за еден од најкомплексните во моментов поради специфичноста на теренот, густата вегетација и временските услови кои го отежнуваат гаснењето. Огнената линија опфаќа голема површина, што бара масовна координација на противпожарните единици од повеќе градови.

Главниот фокус на скопските екипи ќе биде воспоставување контрола врз критичните точки каде што огнот се приближува до селата и спасување на имотот и добитокот на локалното население.

е-Трн да боцка во твојот инбокс