Сточарите бараат итна вакцинација: „Сипаниците кај овците секој ден отвораат нови жаришта“

Состојбата со сипаниците кај малите преживари е алармантна, предупредуваат од Сојузот на одгледувачи на овци. Според нивните податоци, досега угинале меѓу 7.000 и 10.000 овци, уништени се околу 40 до 50 стада, а секој ден се појавуваат нови жаришта.

Од Сојузот денеска пред Владата побараа итна организација на вакцинација, повисоко обесштетување за сточарите и формирање посебен фонд за семејствата што останале без стада.

Најзагрозен е источниот регион

Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили, изјави дека најзагрозен е источниот регион, особено Штипско, каде според него се зафатени 70 до 80 проценти од стадата.

„Никој не презема мерки, а секој ден има угинати овци и се уништуваат големи стада. Бараме Владата што побрзо да најде решение за болеста и да набави вакцини“, рече Џемаили.

Тој посочи дека досега има над 50 жаришта и околу 40 до 50 уништени стада, а околу 40 семејства, како што рече, останале без егзистенција.

Угинати грла со недели стојат по дворови

Од Сојузот предупредуваат дека на терен има сериозни проблеми со организацијата и постапувањето.

Џемаили рече дека се случува угинати грла со недели да лежат по дворовите на сопствениците, бидејќи нема кој да ги однесе, ниту јасно се знае каде се закопуваат труповите.

Дополнителен ризик, според него, е тоа што некои сточари ги носат грлата на добиточни пазари без да знаат дали се заболени.

„Функционираат добиточни пазари со стока што не е вакцинирана, без потврда за движење, без ништо“, рече Џемаили.

Тој додаде дека граѓаните не треба да се плашат, бидејќи, според него, оваа болест нема влијание врз луѓето и храната.

Дел од сточарите сами вакцинираат

Џемаили предупреди и дека дел од сточарите приватно ги вакцинираат овците, но не се знае за какви вакцини станува збор и со каков квалитет.

„Ние не сме надлежни да набавиме вакцина и не сме стручни да кажеме дали треба да се вакцинираат грлата или не. Решение треба да најдат стручните лица“, рече тој.

Според него, Сојузот имал повеќе состаноци со Агенцијата за храна и ветеринарство, Ветеринарната комора и Земјоделскиот факултет, но без конкретни заклучоци.

„Ако проблем е извозот во ЕУ, државата да бара нови пазари“

Одгледувачката на овци Милена Величковиќ од Куманово, членка на Управниот одбор на Сојузот, рече дека повеќе од еден месец се разговара за вакцинацијата, но сточарите не добиле јасни аргументи зошто таа не се спроведува.

„Единствениот аргумент да не ги вакцинираме е можеби тоа што Европската Унија ќе ни даде забрана за извоз. Но ни тука нема официјални податоци – дали ќе ни даде или колку забрана ќе ни даде“, рече Величковиќ.

Таа побара, ако евентуалната забрана за извоз во ЕУ е пречка, државата да се обиде да отвори нови пазари, наведувајќи го примерот со Србија и пазарот во Алжир.

Бараат повисоко обесштетување и исплата на субвенции

Едно од главните барања на сточарите е преиспитување на обесштетувањето, кое во моментов, според нив, изнесува 100 денари за килограм.

Величковиќ праша што ќе се случи со сточарите на кои веќе им угинале или им биле уништени овците, особено кога станува збор за расни грла чија пазарна вредност е многу повисока.

„Да се направи посебен фонд и да бидат обесштетени овие луѓе со реални цени, да им бидат исплатени и субвенции за оваа година, за да ги мотивираме и да ги вратиме назад во овчарството“, рече таа.

„Вакцинацијата е единствениот спас“

Сточарот Елми Зеќири од штипското село Шашаварлија, член на Управниот одбор на Сојузот, рече дека сточарите очекуваат јасна насока од државата.

„Очекуваме државата да ни излезе во пресрет и да ни каже што да правиме – дали да вакцинираме, дали да чекаме. Ние не знаеме што ќе правиме“, рече Зеќири.

Тој оцени дека вакцинацијата во моментов е единствениот спас и дека обесштетувањето „од кило“ не е соодветно за грла од кои семејствата живеат.

„Нашите овци ги чуваме за егзистенција. Ако дојде време да ни ги уништат, треба да ни ги платат како што треба, а не од кило“, рече Зеќири.

По прес-конференцијата на Сојузот пред Владата, реакции најавија и Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс