„Сине, победивме“: Мајката на загинатиот Стефан Хрка бара Вучиќ, Додик и Михајловиќ да одговараат

Две години по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, во кое загинаа 16 лица, Дијана Хрка зборува за животот без синот, борбата за правда и улогата на студентите во протестите што ја потресоа Србија.

Денеска се навршуваат точно две години од уривањето на тешката бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад, во кое на 1 ноември 2024 година, во 11:52 часот, загинаа 16 лица. Зградата на станицата свечено беше отворена само неколку месеци претходно, по повеќегодишна реконструкција што ја изведуваа кинески конзорциуми.

Трагедијата предизвика масовни протести и студентско движење, кое, според оцената на „Индекс“, по две години придонесе за изборниот пораз на политичкиот блок на Александар Вучиќ.

Меѓу загинатите беа девојчињата Валентина и Сара Фириќ, нивниот дедо Ѓорѓе Фириќ, Милица Адамовиќ, Немања Комар, Стефан Хрка, Сања Ќириќ Арбутина, Горанка Раца, Вукашин Раковиќ, Милан Карановиќ, Ѓуро Швоња, Васко Саздовски, Ања Радоњиќ, Вукашин Црнчевиќ, Милош Милавојевиќ и неговата девојка Анѓела Руман, која во моментот на несреќата била бремена.

Дијана Хрка, мајката на загинатиот Стефан, во изминатите две години стана еден од препознатливите симболи на граѓанскиот отпор. Во интервју за српскиот портал „Нова.рс“ таа зборуваше за болката по загубата на синот и за борбата да се утврди одговорноста за трагедијата.

„Велат дека времето лекува, но лажат“

„Најтешко е кога ќе погледнеш во телефонот, а нема порака, нема повик. Тоа многу боли. Често одам на гробишта, најмалку двапати неделно. Одам таму, разговарам со Стефан и во тој момент некако ми е полесно. Велат дека времето лекува сè, но лажат. Времето не лекува ништо. Кај мене ништо не зарасна, секој ден ми е сè потешко. Многу е тешко да се живее со ова“, раскажа Хрка.

По две тешки години, таа вели дека конечно се надева на судска разрешница, а надежта ја поврзува со неодамнешните политички промени во Србија.

„Тоа значи доаѓање на нови луѓе на многу важни функции, промена на обвинителството, судиите и полицијата. Се надевам дека полицијата и обвинителството ќе почнат да си ја вршат работата и дека случајот со настрешницата ќе биде разрешен. Оваа победа ми значи многу, навистина, токму поради настрешницата. Сакам да дознаам кој ми го уби детето и тие луѓе да бидат осудени“, изјави таа.

„Студентите имаа кичма каква што ние немавме“

Хрка потсети и на други неразјаснети афери и несреќи што со години ја оптоваруваат српската јавност. Меѓу нив ги спомена падот на воениот хеликоптер во 2015 година, кога загинаа седум лица, меѓу кои и бебе, како и несреќата на наплатната рампа кај Дољевац, во која учествувал автомобил на тогашниот директор на „Коридори Србија“. Од снимките од надзорните камери од таа несреќа недостасуваат клучни две минути.

„Се надевам дека сега сето тоа ќе излезе на површина. Знам што значи да не знаеш кој ти го убил најблискиот. Мислам дека сега и во тие случаи ќе дознаеме што се случило и кој сè учествувал. Тоа што студентите ја презедоа борбата врз себе треба да нè биде срам. Имаа кичма каква што ние немавме. Треба да им бидеме благодарни на овие деца додека сме живи. Покренаа лавина, нè разбудија како народ, нè разбудија сите и успеаја во тоа“, порача Хрка.

Таа смета дека студентската листа ја остварила изборната победа затоа што младите демонстранти постапиле одговорно и го чекале вистинскиот момент.

„Тие ме одржаа во живот, всушност, нè одржаа сите во живот. Презедоа огромен товар врз своите плеќи и им благодарам за тоа. Сега ќе ја чекаме правдата и одговорноста и за оние што беа претепани. Се надевам дека ќе успееме да го разрешиме сето она што ни се случуваше. Да, победивме, но вистинската борба допрва претстои, на сите полиња. Знаете во каква состојба е нашата држава“, вели мајката на Стефан.

„Вучиќ, Додик и Зорана Михајловиќ мора да одат во затвор“

Според Хрка, правдата може да биде задоволена само доколку одговорност понесат политичките функционери, но и компаниите што учествувале во реконструкцијата на железничката станица.

„Повторно ќе кажам: Александар Вучиќ, Милорад Додик и Зорана Михајловиќ. Тие тројца први, па останатите 13, а потоа сите компании што учествувале, изведувачите и подизведувачите. Сите да бидат сослушани и да одат во затвор. Тогаш, на некој начин, правдата би била задоволена. Правдата никогаш нема да биде целосно задоволена. Секогаш некој малку ќе се извлече“, изјави таа.

Зорана Михајловиќ беше долгогодишна потпретседателка на српската влада и министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура. Во периодот кога ја извршуваше функцијата беа договорени и започнати проекти за модернизација на железничката пруга и реконструкција на станицата во Нови Сад, во соработка со кинески партнери.

Хрка вели дека нејзиното барање е институциите да почнат да функционираат и сите што имаат одговорност да бидат повикани на одговорност.

„Сакам сè да профункционира. Можеби на почетокот нема да може веднаш, но верувам дека сите ќе бидат поодговорни. Мислам дека новата влада, кога ќе биде составена, ќе биде многу поодговорна и ќе функционира подобро. И дека сите ќе бидат повикани на одговорност. Тоа е најважно“, порача таа.

„Корупцијата убива“

Во разговорот Хрка се осврна и на жртвите од масовните убиства што ја потресоа Србија во претходните години – масакрот во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ и убиствата во селата Дубона и Мало Орашје во мај 2023 година.

Таа ја истакна жртвата на студентите, од кои некои ги замрзнале студиите за да учествуваат во протестите и да бараат одговорност за загинатите.

„Имав чувство дека правдата за Стефан е достижна, дека ќе успееме и дека Стефан го гледа тоа. Знам дека, кога би можел да види што се случува, би бил среќен и горд на мене. Би знаел дека не е заборавен и дека никогаш нема да биде заборавен – не само тој, туку сите 16 жртви“, рече таа.

Хрка предупреди дека трагедијата со настрешницата мора да биде целосно разрешена за да не се повторат слични несреќи.

„Имаше многу трагедии. Секогаш треба да се споменуваат сите жртви и да не дозволиме такво нешто повторно да се случи. Случајот со настрешницата мора да се разреши како што треба. Засекогаш треба да научиме дека корупцијата убива. Никој никогаш не смее да земе ниту еден динар за да потпише документ или да направи нешто незаконско, а поради тоа да гинат други луѓе и некој да страда“, порача таа.

„Би бил горд на нас. Сине, победивме“

На крајот од разговорот, Хрка им испрати порака на семејствата на останатите жртви и им се заблагодари на граѓаните за поддршката.

„Кога повторно би имала можност да му се обратам на мојот Стефан, би му рекла дека неговата Србија беше покрај него. Дека неговите пријатели беа покрај него, неговите професорки, наставнички и воспитувачки. Дека сите беа со него, дека цела негова Србија беше со него. И дека студентите беа тука, дека можеше да ја види таа младост што се крена да се бори за него. Сигурно би бил горд на сите нас“, рече таа.

Хрка раскажа дека секојдневно разговара со синот кога оди на гробишта, но и дома, гледајќи ја неговата фотографија.


„Сине, победивме. Уште малку и ќе ја оствариме и конечната победа, токму онака како што треба. Сакам да бидеш горд на сите нас“, заврши таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс