Силвија Салис, поранешна спортистка и актуелна градоначалничка на Џенова, сè почесто се споменува како можен обединувач на италијанската опозиција.
Силвија Салис сè повеќе се наметнува како потенцијална личност што може да ја обедини поделената опозиција во Италија, во време кога премиерката Џорџа Мелони се соочува со првите посериозни политички предизвици.
Салис, родена во 1985 година во Џенова, својата кариера ја започна како атлетичарка во дисциплината фрлање на чекан. Таа настапувала на Олимписките игри и на големи меѓународни натпреварувања. По завршувањето на спортската кариера, се вклучила во спортската администрација, а потоа и во политиката.
Во 2025 година таа беше избрана за градоначалничка на Џенова, со што го прекина долгогодишното владеење на десницата во градот и веднаш привлече внимание како ново лице на политичката сцена.
Нејзиниот подем доаѓа во период кога Мелони се соочува со политички притисок по неуспешен референдум за правосудството, но и по оставки и скандали што ја нарушија нејзината позиција.
Големо внимание предизвика и техно журка во Џенова, на која присуствуваа околу 20 илјади луѓе меѓу кои и Салис. Видеа од настанот, на кој настапи позната техно музичарка, се проширија по на социјалните мрежи и дополнително ја зголемија популарноста на Салис.
Според дел од аналитичарите, ваквите настани претставуваат обид да се допре до поширока публика и да се понуди нов пристап во политичката комуникација.
За разлика од тоа, политиките на Мелони во минатото беа насочени кон ограничување на вакви собири. Во 2022 година беше донесен закон за спречување на нелегални масовни настани, кој предизвика критики поради можноста да се ограничи и културното изразување.
Професори и експерти посочуваат дека ваквиот пристап ја третира ноќната култура како проблем, наместо како дел од општествениот живот.
Салис, напротив, се претставува како политичар што поддржува јавни настани достапни за сите граѓани, особено во време кога многумина имаат ограничени финансиски можности.
Иако е градоначалничка помалку од една година, веќе се споменува како можен кандидат за обединување на опозициските сили, вклучувајќи ја Демократската партија, Движењето Пет ѕвезди и други политички субјекти.
Самата Салис изјави дека е свесна за вниманието што го добива, но не сака однапред да ја исклучи можноста за поголема политичка улога.
Во меѓувреме, опозицијата сè уште се обидува да пронајде заеднички кандидат што ќе може да ѝ се спротивстави на Мелони на изборите во 2027 година.
Иако името на Салис сè почесто се споменува, дел од аналитичарите предупредуваат дека е прерано да се заклучи дали таа ќе стане главен кандидат на опозицијата.