Авиоиндустријата ќе има потреба од 2,44 милиони нови пилоти, авионски техничари, стјуардеси и стјуарди до 2045 година, предвидува европскиот производител на авиони „Ербас“.
Побарувачката за овие занимања ќе го следи растот на воздушниот сообраќај, при што се очекува бројот на патници да достигне 10 милијарди годишно, додека глобалната флота би можела да порасне на 45.550 авиони.
Според новата Прогноза за глобални услуги, објавена од Ербас на 14 октомври 2026 година, на авијацијата ќе ѝ бидат потребни 660.000 нови пилоти, 730.000 техничари за одржување на авиони и 1,05 милиони стјуардеси во текот на следните две децении.
Задоволувањето на овие потреби ќе бара зголемено регрутирање и обука, а „Ербас“ очекува годишната вредност на пазарот за обука во воздухопловството да достигне 17 милијарди долари до 2045 година.
Според прогнозата на „Ербас“, најголем број нови работници ќе бидат потребни меѓу стјуардесите и стјуардите, за кои се очекуваат 1,05 милиони нови вработени.
Следно е одржувањето на воздухопловите со потребни 730.000 техничари, додека авиокомпаниите и другите учесници во индустријата треба да вработат уште 660.000 пилоти.
Прогнозата ги опфаќа авионите од сите производители, вклучувајќи патнички авиони со повеќе од 100 седишта и товарни авиони со носивост поголема од 22.000 фунти.
„Бидејќи глобалната флота се дуплира и надминува 45.550 авиони до 2045 година, ние мора да се подготвиме“, рече Кристина Агилар Гридер, виш потпретседател на „Ербас“, оддел за услуги на клиентите, комерцијални авиони.
Потребата од нови вработени е дел од поширокиот раст на пазарот на воздухопловни услуги. „Ербас“ очекува годишната вредност на овој пазар да надмине 420 милијарди долари до 2045 година , со просечен годишен раст од 3,8 проценти.
Најголемиот дел од трошоците ќе бидат за одржување на авионите . „Ербас“ предвидува дека годишниот пазар за работа на мотори и компоненти отстранети од авионите ќе достигне 217 милијарди долари, бидејќи поголемата и постара флота ќе бара повеќе ремонти, поправки и замена на делови.
Дополнителни 104 милијарди долари годишно ќе одат за поддршка при одржување, вклучувајќи снабдување со резервни делови и инженерски услуги. Се очекува инспекциите на воздухопловите и редовните технички проверки да претставуваат пазар вреден уште 36 милијарди долари годишно.
Дигиталните услуги и патничкото поврзување ќе забележат најбрз раст, со просечна годишна стапка на раст од 5,3 проценти. „Ербас“ очекува овој пазар да достигне вредност од 27 милијарди долари годишно до 2045 година, бидејќи авиокомпаниите инвестираат повеќе во алатки за предвидување на потребите за одржување, намалување на доцнењата и поврзување на патниците за време на летовите.
Конверзиите на кабините и другите надградби на авионите ќе претставуваат дополнителен пазар вреден 21 милијарда долари годишно, бидејќи авиокомпаниите го реновираат ентериерот на постарите авиони и инсталираат понова опрема и технологии.
„Ербас“ очекува Европа и Заедницата на независни држави, Северна Америка и Кина да останат најголемите пазари за воздухопловни услуги. Во исто време, се очекува Азија, вклучувајќи ја Кина и Јужна Азија, да биде најбрзорастечкиот регион , објавува „Аеро.рс“.
